И денеска доколку некој сака да ја отвори официјалната страна на државната МЕПСО ќе добие информација дека не е достапна поради хакерскиот напад извршен викендот, а во кој службениците од МЕПСО го загубија пристапот до дел од податоците кој сега е заклучен или криптиран, објави Телма.
Според информациите на Телма, веќе пети ден во МЕПСО немаат пристап до серверот каде се води финансиското управување во државната фирма и затоа нема пристап до финансиските податоци и извештаи. Клучното е дека засега безбеден е СКАДА системот преку кој се следи, контролира и се управува мрежата односно електроенергетскиот систем.
Од МЕПСО без детални информации за обемот на нападот, потврдија покрај МВР ангажирани се домашни и странски експерти кои се обидуваат да ги деблокираат серверите.
„Повторуваме дека за оваа ситуација се известени сите релевантни институции меѓу кои и МВР и во моментов се врши ИТ форензика и анализи во кои се вклучени експерти од државата и странство. Водејќи се од фактот дека електроенергетската инфраструктура на АД МЕПСО спаѓа под критична инфраструктура во државата, не сме во можност да даваме дополнителни информации надвор од изнесеното во вчерашното соопштение“, соопштија од МЕПСО.