На полноќ истече рокот за собирање потписи за кандидатите за претседател на претстојните избори, што почна на 23 февруари. Официјално во трка се седум кандидати за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи на 24 април годинава.
Според податоците од ДИК, од 7 март до 20 часот, од 15-те пријавени кандидати за собирање потписи за претседателските избори, досега потребните 10.000 потписи ги собраа Стево Пендаровски поддржан од СДСМ кој има 22.412 потписи, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ – 28.086, Бујар Османи од ДУИ – 11.085, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди – 10.710, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски – 11.290, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија – 11.605 и Билјана Ванковска Цветковска од Левица – 10.559 потписи.
Сите останати кандидати имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 2.778, Вело Марковски – 1.634 потписи, Ѓорѓи Манасков – 488, Зорица Цветковска – 284, Господин Попоски 145, Гоце Ристов – 6 и Драган Николовски 6 потписи. Досега, според ДИК, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Собирањето потписи се одвиваше во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.
Во четвртокот, без расправа, беше изгласан Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, чија цел, како што претходно образложи пратеникот Мартин Костовски, е да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите.
Меѓу другото, се допрецизираат одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.
Со преодната одредба на законот се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.
На 24 април и 8 мај македонските граѓани ќе гласаат на седмите претседателски и 11-те парламентарни избори.