Возачката дозвола во Германија станува сѐ поскапа. Според истражувањето на автомобилскиот клуб АДАЦ, дел од оние кои сега го минуваат патот до стекнување дозвола за возила од Б-категорија, плаќаат до 4.500 евра. Во исто време, според извештајот на Здружението за технички надзор (ТИФ), возачките дозволи и натаму се популарни. Пратеничката група на партиите на Унијата – ЦДУ/ЦСУ – затоа поднесе предлог во Бундестагот, според кој возачката дозвола е основа за социјално учество и економски просперитет и не треба да се претвори во луксуз. Предлогот сега ќе се разгледува во надлежната комисија во парламентот.
Зошто возачката дозвола стана толку скапа?
Според Курт Бартелс, заменик директор на Сојузната асоцијација на здруженија на инструктори за возење, за актуелните цени постојат три главни причини: генералното зголемување на цените, развојот на сообраќајот и развојот на автомобилот. Повисоките цени на горивото и зголемените трошоци за одржување на автомобилот не се единствените двигатели на цената. „Возењето стана покомплексно“, вели Бартелс. Се зголемува бројот на транспортни средства, вклучително и електронските скутери. Има и нови сообраќајни патишта, како што се заштитени велосипедски патеки. Покрај тоа, учениците за возење ќе мора да бидат обучени и за системи за техничка помош и тоа да го докажат на тестот.
Затоа, од 2021 година, тестот за возачка дозволатрае 55 наместо 45 минути. Бартелс вели дека едноставно е потребно повеќе време за обука на нови возачи. Наместо 25 часа возење, сега не се реткост од 45 до 50 часа возење. Притоа, еден час возење во траење од 45 минути чини од 55 до 75 евра. Возачките дозволи обично се поевтини во провинција отколку во град, меѓу другото затоа што возењето автомобил таму може побрзо да се научи поради помалку сложената инфраструктура, вели Бартелс.
Како може да се заштеди?
Бартелс и АДАЦ препорачуваат завршување на теоријата и практичните лекции што е можно покомпактно. Ако има подолги паузи помеѓу часовите, постои ризик да се заборави она што е научено, се вели од АДА. Исто така, не штети ако на полигон се поминат неколку часа со родителите и ако внимателно се споредат цените на автошколите. На крајот на краиштата, важи и следново: регистрација за полагање на тестот само кога има сигурност во своето знаење, со што би се избегнале трошоците за повторно полагање.
Како Унијата сака да ја задржи пониска цената на возачките дозволи?
Идеи за поевтини возачки дозволи пред неколку дена дојдоа и од редовите на опозицијата. Според портпаролот на ЦДУ за транспортна политика, Флоријан Милер, возачките дозволи, меѓу другото, би можеле да поевтинат и преку дигитализација. Според предлогот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, трошоците треба да се ограничат, процесите да се направат понепречени и треба да се нудат повеќе термини за тестови. Пратеничката група на Унијата предлага при обуката да се користат повеќе симулатори за возење со цел да се намали бројот на практични часови за возење.
Освен тоа, некои од теоретските часови треба да се одвиваат дигитално, а доколку е потребно, возачките испити треба да ги преземат и Бундесверот или полицијата. Ова има за цел да спречи долго време на чекање за датум за полагање, период во кој возачите што учат ќе треба да продолжат да земаат часови за возење за да не го заборават наученото.
Што велат другите за предлогот на Унијата?
Свантје Михаелсен, која во пратеничката група на Зелените е одговорна за прашања од сферата на возачките дозволи и безбедноста на патиштата, стравува дека поголема обука со симулатори за возење може да биде на сметка на безбедноста на патиштата. И Сојузната асоцијација на здруженија на инструктори за возење не е за предлогот на Унијата. Како што се вели оттаму, симулаторите би можеле да ги овозможат само првите чекори за возачите што учат да бидат подобро подготвени на првиот час за возење.
Заменик-портпаролот на пратеничката група на СПД за прашања од транспортната политика, Матијас Штајн, на проблемот гледа поинаку. Не се трошоците за обука тие што го прават скапо стекнувањето со возачка дозвола, туку се тоа високите стапки на неуспех и повторувањето на полагањето, смета тој. Во моментов се спроведуваат научни студии за тоа како да се модернизира обуката за возење, вели Штајн и бара прво треба да се почекаат резултатите од истражувањата.
DW