Ножеви и закани кон наставниците во германските училишта

Тепачки, ножеви, сексуално злоставување… Секој кој дури и малку ги следи вестите од германските училишта лесно може да помисли дека се наоѓа во некој дистописки филм, приказна за беззаконието и правата на посилните.

Станува збор за десетици илјади инциденти во училиштата во последните години, покажуваат одговорите на анкетата на агенцијата ДПА. На пример, само во најнаселената покраина Северна Рајна-Вестфалија, имало 5.400 пријави за насилни прекршоци во училиштата во 2022 година.

Ова приближно одговара на вкупниот број училишта во покраината, што значи дека просечно еднаш годишно во секое училиште се пријавува ваков инцидент. И никој не знае колку непријавени случаи има.

Повеќе пријави отколку пред пандемијата
Неодамна, 22-годишник во Петерсхаген, во близина на Берлин, упаднал во училиште вооружен со нож и гасен (сигнален) пиштол, а еден од вработените го вклучил алармот. Исто така, 17-годишен ученик со нож нападнал четворица ученици во Вупертал и сега е во притвор поради обид за убиство.

Споредено со периодот пред пандемијата, значително расте бројот на вакви инциденти во училишните згради и дворови. На пример, во Северна Рајна-Вестфалија за околу педесет проценти во споредба со 2019 година.

Слично е и во другите провинции, пишува ДПА. Само во главниот град Берлин, според податоците на полицијата, во 2022 година имало 2.344 случаи на физички повреди во училиштата. Таму полициските патроли се повикуваат да интервенираат во училиштата во просек по пет пати на ден.

Убиствата сè уште се ретки. Едно се случило во јануари во гимназија во близина на Хајделберг, каде 18-годишник со нож уби врсничка.

Сложени причини
Според Министерството за образование на Бранденбург, постојат многу причини за насилство во училиштата. Во одговорот на Министерството се споменува „дефицит на самоконтрола“, „недостиг на самодоверба“, но и искуство на семејно насилство.

Содржините со насилство во медиумите и на социјалните мрежи исто така може да придонесат за агресија.

„Забележуваме дека оружјето се носи во училиштата почесто отколку порано“, вели Свен Винклер, шеф на Здружението на германски директори на училишта. Најчесто, вели, се работи за ножеви и „лажно“ огнено оружје.

Како што изјави Винклер, тешко е да се каже дали децата и младите имаат оружје со себе затоа што се подготвени на насилство или затоа што се исплашени и мислат дека мора да бидат подготвени за самоодбрана.

Но, некои експерти велат дека ништо не е како што изгледа. Психологот Херберт Шајтенхауер неодамна во интервју за Шпигел предупреди дека бројките се толкуваат погрешно.

Според него, денес во училишните дворови има помалку насилство од пред дваесет години, но за него почесто се известува во медиумите.

Некои ангажираат обезбедување
Синдикатот на образованието и науката бара да се зајакне социјалната работа во училиштата. „Драматичниот недостиг на наставници и недоволниот број социјални работници во училиштата значи дека превенцијата на терен е многу ограничена“, рече шефицата на тој синдикат, Ања Бензингер-Штолц.

Некои училишта веќе воведоа приватно обезбедување, како што е едно училиште во Бремерхафен во близина на Бремен. Како што изјавија таму, учениците често кршеле прозорци, навредувале други ученици и професори или им се заканувале. Речиси секој ден по училишниот двор навраќале непознати лица кои немаат што да бараат таму.

„Ситуацијата беше многу турбулентна минатата есен“, рече една портпаролка на училиштето. „Со обезбедувањето повторно сè се смири“.

 

DW