„Ксенофобични инциденти“ на Денот на жалост во Русија

0
65

Во Русија се забележани неколку очигледни ксенофобични инциденти насочени кон мигрантите од Централна Азија додека земјата денеска одбележува Ден на жалост за терористичкиот напад пред два(22.3) дена во концертна сала надвор од Москва, во кој загинаа 137 лица, според досегашните информации.

Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон го осуди нападот во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во неделата.

„Терористите немаат националност, немаат татковина, немаат религија“, рече Рахмон.

Амбасадата на Таџикистан во Москва ги предупреди граѓаните да не ги напуштаат своите домови поради загриженост за можно насилство од одмазда.

Руските власти уапсија 11 лица во врска со нападот, вклучително и четворица наводни напаѓачи.

Официјални лица рекоа дека четворицата осомничени се странски државјани.

Неименувани официјални лица, наводно поврзани со безбедносните служби, на Телеграм сугерираа дека напаѓачите би можеле да бидат Таџикистанци или руски државјани со таџикистанско потекло.

 

slobodnaevropa.mk