Маријана Димова, мајка на Александар (14) од Сенокос, Прилеп, кој беше свирепо убиен со десет убоди од нож на 29-ти февруари годинава, веќе четири дена е хоспитализирана во прилепската болница, откако по траумата која ја доживеа, здравјето нагло и се влошило. За ,,Фокус” вели дека не може да се помири со загубата на син и, и психички сосема паднала.
-Животот на сите дома ни се уништи од корен. Немав повеќе сили да издржам, потклекнав и завршив во болница во саботата. Дома остана сопругот со трите малолетни деца, не знаеме како ќе продолжиме напред.
Јас бев единствената од семејството која оди на работа, вработена сум во фабрика во близина на Прилеп, и немам сили да се вратам на работа по она кое ни се случи. Се задолживме за да го погребаме Александар, дојдовме до ситуација да молиме за донации за да ги вратиме долговите, но и за да му подигнеме надгробна плоча каква што заслужува. Сето ова е како еден лош сон од кој не можеме да се разбудиме – вели Маријана.