САД: Гувернерот на Флорида потпиша закон за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи

Гувернерот на американската сојузна држава Флорида, Рон де Сантис, го потпиша законот за многу дебатираниот Предлог-закон, чија цел е да се ограничи пристапот на децата до платформите на социјалните медиуми, јавува Анадолу.

HB 3 им забранува на децата помлади од 14 години да станат сопственици на профили на социјалните мрежи, а им дозволува на 14 и 15-годишните да имаат свои профили со родителска согласност.

„Социјалните мрежи им штетат на децата на различни начини“, рече Де Сантис во изјавата објавена од неговата канцеларија. „HB 3 им дава на родителите поголема можност да ги заштитат своите деца. Му благодариме на спикерот Ренер што ја донесе оваа значајна легислатива.“

„Интернетот стана темна уличка за нашите деца каде што предаторите ги таргетираат, а опасните социјални мрежи водат кон повисоки стапки на депресија, самоповредување, па дури и самоубиство“, рече претседателот на Претставничкиот дом на Флорида, Пол Ренер.

„Горд сум на работата на сите наши спонзори на предлог-законите, претставниците Тајлер Сироис, Фиона Мекфарланд, Мишел Рејнер, Чејс Трамонт и Тоби Овердорф за усвојувањето законска рамка што има приоритет да ги чува нашите деца безбедни. Благодарение на потписот на гувернерот Де Сантис, Флорида го предводи патот во заштитата на децата на интернет додека државите низ целата земја се борат да ги решат овие опасности.“

Критичарите тврдат дека Предлог-законот е неуставен, дека судовите блокирале слични легислативи во други сојузни држави и дека може да се соочи со правни предизвици од технолошката индустрија.

Легислативата, исто така, ја заштитува можноста на жителите на Флорида да бидат анонимни на интернет и бара порнографските или сексуално експлицитните веб-страници да користат систем за верификација на возраста за да ги спречат малолетниците да пристапат до сајтови што се несоодветни за деца, истакнаа од канцеларијата на гувернерот.

Законодавниот дом на Флорида во февруари усвои Предлог-закон со кој на децата под 16 години целосно да им се забрани пристап до социјалните мрежи. Де Сантис стави вето на тој Предлог-закон, предизвикувајќи загриженост за прекршувањето на родителските права. Оваа изменета верзија ќе стапи на сила на 1 јануари 2025 година.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.