Холандија: Една од најголемите градини на лалиња во светот, Кеукенхоф, одбележува 75-годишнина

0
57

Расцветаните градини со лалиња во Холандија оваа пролет ги пречекуваат посетителите од целиот свет, особено градината со лалиња Кеукенхоф, која се наоѓа во малиот град Лисе и се вбројува меѓу најголемите градини во светот од ваков вид, јавува Анадолу.

Холандија е најголем светски комерцијален производител на лалиња и нејзините шарени полиња со лалиња ги пречекуваат посетителите од целиот свет секоја пролет.

Во април и мај лалињата цветаат во речиси сите бои, украсувајќи го малото гратче Лисе и внесувајќи магија и ведрина во животите на неговите жители.

Годинава Кеукенхоф одбележува 75-годишнина и е вистинска атракција за странските туристи.

Шефицата на годинашниот проект за Денот на Кеукенхоф, Анамари Жерард, за Анадолу изјави дека градината е отворена од 21 март до 12 мај и дека токму сега е периодот кога лалињата се во полн цут.

„Лалето е икона на Холандија и главна атракција за посетителите од странство“, рече Жерард.

Истакнувајќи дека минатата година градинарите засадиле околу седум милиони луковици на лалиња во Кеукенхоф, Жерард рече дека во градината има околу 800 вида од овој цвет.

„Околу 1,4 милиони луѓе ја посетуваат нашата градина секоја година, односно во текот на осум недели од нашата сезона. Четири петтини од посетителите се странци“, рече Жерард.

Јулија Михајлова, туристка од Русија, рече дека првпат е во Кеукенхоф и дека е маѓепсана од колоритот и убавината на лалињата.

„Времето е облачно и сиво, но боите на лалињата ми дадоа чувство на среќа. Уживам во боите и мирисот на градината. Пролет е во целосна смисла на зборот“, истакна Михајлова.

Младиот Англичанец Чарлс Дадли е во посета на Кеукенхоф со своите пријатели од Лондон, а за Анадолу изјави дека биле во Амстердам и ги посетиле градините со лалиња што се вистински одмор за очите и душата.

„Како да не се вистински, како да се пластични. Имате чувство како да се обоени. Можеби ќе се вратам за неколку недели”, рече Дадли.

Кеукенхоф одбележува 75-годишнина, а годинашната сезона ја отвори холандската принцеза Маргриет Франциска.

Кеукенхоф е градина што се протега на околу 32 хектара, а на нејзиното уредување работат 40 градинари. Има околу 15 километри специјално уредени пешачки патеки.

Првите лалиња пристигнале во Европа од денешна Туркије во втората половина на 15 век. Луковиците на лалиња пратени од австроунгарскиот амбасадор во Истанбул, Ожие Гислан де Бусбек, кој бил и ботаничар, пристигнале прво во Виена, а потоа во Холандија.

извор: Анадолу.

фото: Анадолу.