Џулијан Асанж доби право на жалба

0
46

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, доби право на жалба и не може да биде веднаш екстрадиран во САД.

Џулијан Асанж, според мислење на надлежниот британски суд, не може веднаш да биде екстрадиран во САД поради обвинението за шпионажа. Тоа претставува делумна победа на основачот на Викиликс.

Двајца судии од Високиот суд сметаат дека треба да се одобри нова жалба на Џулијан Асанж доколку американските власти не дадат дополнителни гаранции за тоа што ќе се случува со него. Пресудата значи дека правната сага, која се одолговлекува повеќе од една деценија, ќе продолжи. Случајот е одложен за 20 мај, објави dw.com.

Судиите Викторија Шарп и Џереми Џонсон соопштија дека доколку САД не поднесат гаранции, ќе му дадат дозвола на Асанж да поднесе жалба на екстрадиција врз основа на повреда на слободата на изразување и затоа што може да добие смртна казна. За време на дводневното сослушување во Високиот суд во февруари, адвокатот на Асанж, Едвард Фицџералд, рече дека американските власти се обидуваат да го казнат поради тоа што Викиликс „изложила криминал од страна на американската влада од невидени размери“, вклучувајќи тортура и убиства.

Поддржувачите на Асанж аргументираат дека тој е новинар заштитен со Првиот амандман кој ги разоткри неправилностите на американската војска во Ирак и Авганистан, што било во јавен интерес. Тие тврдат дека неговото гонење е политички мотивирано и дека тој не може да добие фер судење во САД. Владата на САД смета дека дејствијата на Асанж ги надминале границите на новинарството со барање, крадење и неселективно објавување доверливи владини документи кои загрозувале невини животи.

Асанж речиси пет години се наоѓа во строго обезбедуваниот лондонски затвор Белмарш. Пред неговото апсење во април 2019 година, тој неколку години ги избегнуваше органите за кривично гонење во амбасадата на Еквадор во Лондон. Тие првично го товареа за силување во Шведска. Ваквите наводи меѓутоа подоцна беа отфрлени поради недостаток на докази.

Извор: dw.com