Владата на денешната седница донела одлука за формирање Совет за следење на имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудство (2024–2028 г.), соопштија попладнево од Министерството за правда.
Советот, информираат оттаму, треба да обезбеди континуитет на досегашната пракса за следење на реформите во правосудството.
Од Правда потсетуваат дека Владата претходно на седницата одржана на 26 декември минатата година ја усвои Развојната секторска стратегија за правосудството (2024–2028 г.) со нејзиниот Акциски план.
Советот ќе се грижи за навремено спроведување на мерките и активностите согласно Акцискиот план, следење на приоритетите, временската рамка и роковите за имплементација и оценување на постигнатите резултати во спроведување на Акцискиот план, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Со Советот ќе претседава министерот за правда, а останати членови по функција во телото ќе бидат министрите за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација и за финансии, потоа вицепремиерите за европски прашања и за политики за добро владеење, државниот јавен обвинител, претседателите на Врховниот суд, на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.
Составот на Советот ќе го сочинуваат и други членови, експерти од областа на правото, како и претставник од невладините организации специјализирани за следење на состојбите во правосудниот систем на земјава.
Според соопштението на Министерството за правда другите членови во Советот се:
академик Владо Камбовски;
Вера Коцо, судија во пензија;
Аднан Јашари, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово;
Слаѓана Тасева, поранешна претседателка на Транспаренси интернешнл – Македонија;
Беса Арифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово,
Неда Здравева, професор на Правниот факултет ,,Јустинијан Први‘‘ – Скопје;
Абдула Азизи, професор на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово;
Никола Прокопенко, државен советник за кривично законодавство во Министерството за правда;
Марија Николовска-Ѓорѓиев, кабинетски службеник во кабинетот на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања;
Жарко Хаџи Зафиров, претставник од Блупринт-групата за реформи во правосудството.
Од Министерството за правда додаваат дека на седниците на Советот по потреба ќе присуствуваат и неговата работа ќе ја следат и други министри, заменик-министри и функционери кои раководат со органи на државната управа, домашни и меѓународни експерти, стручни лица и претседателите на Здрженијата на судии, на јавни обвинители, на судската служба и јавнообвинителска служба.
Академик Владо Камбовски, кој е претседател на работната група на Министерството за правда за реформи во правосудството и ресорниот министер Кренар Лога на 28 декември лани, на брифинг со новинарите ја образложија Развојната стратегија за правосудство (2024–2028 г.). Како што појасни тогаш Камбовски, таа се фокусира на пет клучни области – судството и јавното обвинителство, капацитетите на посебните институции на правосудниот систем, индивидуалните професии и јавни служби, Уставниот суд и кривичната и граѓанска материја.