Балтимор: По уривањето на мостот, од вода извлечени две тела

Два дена по уривањето на мостот во пристаништето Балтимор, нуркачите извлекоа две тела од водата. Полицијата на американската сојузна држава Мериленд соопшти дека станува збор за двајца мажи, на возраст од 26 и 35 години, од Гватемала и Мексико. Двајцата работници биле дел од градежната екипа од шест лица која во моментот на несреќата била на должност на мостот „Френсис Скот Ки“.

Во ноќта помеѓу понеделникот и вторникот (25/26.03) контејнерскиот брод „Дали“ удри во столб од мостот на автопатот со четири ленти, предизвикувајќи негов колапс. Непосредно пред тоа, екипажот на „Дали“ упатил итен повик во кој се зборувало за прекин на струја на бродот – била изгубена контрола над управувањето со бродот. Полицијата по добивањето на повикот направила блокада на мостот најбрзо што било можно.

Пред „Дали“ да го напушти пристаништето во Балтимор, на бродот му била извршена рутинска инспекција, објави американската крајбрежна стража. Екипажот ги известил властите за поправки, но не биле пријавени никакви проблеми. Службата за безбедност на транспорт на САД (НТСБ) во меѓувреме започна истрага за несреќата. Вработените во НТСБ го прегледале „Дали“, обезбедиле документи и ги испрашале капетанот и другите членови на екипажот. Според информациите, истрагата би можела да трае од дванаесет до 24 месеци.

 

DW