Приказната на Андон кој со семејството се пресели во Хрватска, на островот Хвар

0
123

Во изминатите неколку години се повеќе расте трендот на заминување во Хрватска на сезонска работа. Околу 14.000 Македонци работеле во Хрватска минатата година, според податоци на тамошното МВР, најчесто како сезонски работници во угостителството, хотелиерството, малопродажбата…

Но, се повеќе расте и бројот на оние кои наместо од мај до октомври, колку што трае туристичката сезона, решиле да останат во Хрватска на подолг период, па дури и размислувале да се преселат засекогаш.

Еден од оние кои се решил на таков чекор, и тоа во својата 43-та година, кога веќе имал оформено семејство и бил вработен во Општина Неготино, е Андон Атанасов од Неготино. Тој веќе две години живее и работи во Хрватска, на островот Хвар, во Врбоска, а од минатата година му се придружија и сопругата и двете малолетни деца.

Додека живееше во родното Неготино, беше вработен како комунален редар во општината, и важеше како човек кому граѓаните му се обраќаа за било каков проблем во градот, секогаш подготвен да помогне во рамки на своите надлежности. Сега пак, неговата желба секогаш да му се најде на ближниот и да пружи помош, повторно го води напред и во Хрватска, и благодарение на него, над 150 Македонци во изминатите две години дошле во Хвар на работа.

Околу тоа која беше причината што замина од родниот крај, го напушти работното место и се реши да започне нов живот од почеток, во странска земја, за ,,Фокус” раскажува дека одлуката не била лесна, но во ниту еден момент се каел за својот чекор.

-Имам веќе 45 години, семеен човек сум, татко на две деца. Идејата да заминам од родниот крај ми дојде уште пред три-четири години, додека работев во Општина Неготино, како комунален редар. Со 20.000 денари плата не се храни фамилија, и започнав интензивно да размислувам за пронаоѓање на услови за подобар живот на целата фамилија. Најпрвин заминав сам преку агенција која посредуваше за вработување во Хрватска, а по една година си го донесов и семејството.

Сега, со сопругата работиме во ист маркет, децата овде се школуваат, седмо и осмо одделение се- раскажува Андон.

Појаснува дека живеат во Врбска, место познато како Мала Венеција на Балканот, и задоволен е од тамошниот живот.

-Верувајте, споредба не може да се направи со животот во Македонија, барем засега со моменталните услови и плати, бидејќи основните трошоци за живот таму и овде се исти, а стандардот овде е во просек дваипол пати поголем од таму. Засега не размислуваме за враќање, добро се прилагодивме.

Откако се преселив, голем број на мои познаници, а потоа и луѓе кои не ги познавам, но слушнале за мене, започнаа да ми се јавуваат, заинтересирани да дојдат и да се обидат да си ја најдат среќата овде.

Лани помогнав на повеќе од 60 Македонци од различни профили да најдат работа во трговијата, угостителството и градежништвото. Оваа година, досега бројот е над 80 лица, а има огромна заинтересираност, што значи дека уште многу повеќе наши луѓе сериозно размислуваат за доаѓање овде.

Инаку, помагам на начин што познаниците и пријателите кои ги имам стекнато овде со комуникација и доверба од нивна страна, ме замолуваат да им помогнам да најдат работници од одреден профил, и јас објавувам на Фејсбук какви работници се бараат.
Бргу се средува работата, има интерес, па и нашите луѓе од Македонија, а и овде пријателите (работодавачите), на крај се задоволни-раскажува Андон.

Околу тоа колку од луѓето на кои им помогнал да дојдат и да се вработат во Хрватска се прилагодиле на тамошниот живот, и дали повеќето од нив се решаваат да останат засекогаш, вели дека се е тоа индивидуално.

-Има една народна изрека – Колико људи, толико ќуди, значи секој со својот карактер и животни убедувања. Некои не можат да се прилагодат на начинот на работа, и воопшто начинот на живот, ќе се обидат неколку денови и си одат, но има и такви кои што можеме да ги наречеме и староседелци!

Драго ми е за сите на кои сум им помогнал и во Хвар веќе имаме маркети каде целокупниот персонал е од Македонија, раскажува неготинецот, благодарение на кого во Хвар е се поголема македонската заедница.

Додава дека оние кои работат во трговија, имаат обезбедено сместување и работна дозвола, а платени им се и сите режии, додека пак оние кои се во угостителскиот и градежниот сектор, покрај работната дозвола, сместување и платени режии, имаат обезбедено и храна од страна на работодавачот.

Според податоците на Хрватската служба за вработување (ЦЕС), во периодот од почетокот на 2023 година до крајот на ноември се издадени 147.593 позитивни мислења за престој и работа на странски работници.

 

fokus.mk