Градоначалникот на Белград: Тито треба да се врати во Кумровец, од каде што дојде

Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, сега нов/стар кандидат за таа функција, рече дека ќе покрене иницијатива Куќата на цвеќето, почивалиштето на поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, да се претвори во музеј на Српската историја и дека „Тито треба да се врати во Кумровец од каде што дојде.“, објави Индекс.

„Ќе покренам иницијатива еднаш засекогаш да завршам со таа Куќа на цвеќето и да го вратам Јосип Броз во Кумровец од каде што дојде и Куќата на цвеќето да биде местото каде што ќе почиваат најголемите српски великани, да биде музеј на српската историја“, ја објави Шапиќ на Инстаграм својата изјава во гостувањето на провладината кабелска телевизија Информер.

„Во него треба да почиваат луѓето кои навистина не бранеа – од Степа Степановиќ, Живојин Мишиќ, Радомир Путник и други. Тоа се луѓето на кои Европа им се восхитуваше и кои ја бранеа во Првата светска војна од Германците кои сега ќе нѐ прогласат за геноцид. “, рече Шапиќ, сега на чело на Привременото тело на градот што го води Белград додека не се повторат изборите, алудирајќи на резолуцијата за геноцидот во Сребреница, за која наскоро треба да се гласа во ОН на германски предлог.

Шапиќ, кој води кампања за изборите, во овој контекст го употреби и името на четничкиот водач од Втората светска војна.

„Кога ќе го спомнам името на Драгољуб Михаиловиќ, еден од нашите најодликувани офицери, кој ја бранеше Србија во Балканските војни и во Првата светска војна против Австро-Унгарците и во Втората светска војна против нацистите, Титовите Југословени доаѓаат на ум“, рече Шапиќ, поранешен југословенски ватерполист, давајќи поинаква интерпретација на историската улога на четничкиот војвода, осуден по Втората светска војна за воени злосторства и соработка со окупаторските власти.

Се поставува прашањето, рече Шапиќ, дали ќе им оддадеме почит на српските херои во Куќата на цвеќето со изградба на музеј на српската историја „или таму ќе го оставиме Јосип Броз Тито, австроунгарскиот каплар и големиот негативец на поновата српска историја “.

Шапиќ, поранешен претседател на општина Нови Београд и кандидат на владејачката Српска напредна партија за градоначалник на Белград, им се придружи на прогресивците на Вучиќ пред неколку години. Претходно беше член на Демократската партија.

Извор: канал 5