О Џеј Симпсон почина од рак на 76 години, објави неговото семејство

О Џеј Симпсон, американска фудбалска ѕвезда и актер, кој беше ослободен во сензационалното судење во 1995 година за убиство на неговата поранешна сопруга, но беше прогласен за одговорен за нејзината смрт во граѓанска тужба, а подоцна беше затворен за вооружен грабеж и киднапирање, почина на 76-годишна возраст.

Симпсон, ослободен од поротата во Лос Анџелес, во она што американските медиуми го нарекоа „судење на векот“, починал вчера по битка со рак, објави неговото семејство денес на социјалните мрежи.

Симпсон го избегна затворот кога беше прогласен за невин за убиството со нож на поранешната сопруга Никол Браун Симпсон и нејзиниот пријател Роналд Голдман во Лос Анџелес во 1994 година.

Симпсон подоцна одлежа девет години во затвор во Невада, откако беше осуден во 2008 година по 12 точки од обвинението за вооружен грабеж и киднапирање на двајца дилери на спортски сувенири под закана со пиштол во хотел во Лас Вегас.

Симпсон беше еден од најдобрите и најпопуларните спортисти од доцните 1960-ти и 1970-тите. Тој беше примен во Куќата на славните на професионалниот фудбал.

Симпсон беше и спортски водител и холивудски актер.

Сè се промени откако Никол Браун Симпсон и Голдман беа пронајдени убиени пред нејзиниот дом во Лос Анџелес на 12 јуни 1994 година. Симпсон брзо се појави како осомничен.

Симпсон, кој на почетокот на случајот се изјасни себеси „апсолутно 100 проценти невин“, беше ослободен од доминантно црна порота од 10 жени и двајца мажи, на 3 октомври 1995 година.

Обвинителите тврдеа дека Симпсон ја убил Никол во љубоморен бес, и тие презентираа обемни тестови на крв, коса и влакна кои го поврзуваат Симпсон со убиствата.

Одбраната возврати дека обвинетиот бил наместен од расистичка бела полиција.

Судењето ја збуни Америка. Многу црни Американци ја прославија неговата ослободителна пресуда, гледајќи го Симпсон како жртва на фанатистичката полиција. Многу бели Американци беа згрозени од неговото ослободување.

 

VOA