Мемоари што Навални ги напишал пред смртта ќе бидат објавени во октомври

0
27

Кон крајот на годината ќе бидат пуштени во продажба мемоари што покојниот руски борец против корупцијата и опозициски лидер Алексеј Навални почнал да ги пишува пред четири години, објави неговиот издавач нарекувајќи ги неговото „последно писмо до светот“.

Навални (47) почина на 16 февруари во неразјаснети околности во затворот на Арктикот, каде што отслужуваше 19-годишна казна поради екстремизам и други обвиненија кои се сметаат за политички мотивирани.

Неговиот издавач, Алфред А. Нопф рече дека по враќањето во Русија во јануари 2021 кога веднаш беше уапсен на аеродром, Навални од затвор продолжил да работи на книгата. Мемоарите ќе бидат достапни за јавноста од 22 октомври.

Вдовицата на Навални, Јулија, во изјава објавена на платформата Икс (поранешен Твитер) наведе дека книгата ќе биде објавена на неколку јазици, вклучително и на руски.

„Воопшто не замислував дека Алексеј вака ќе ја напише својата биографија. Мислев дека ќе имаме околу 80 години, тој ќе седне на компјутер покрај отворениот прозорец и ќе пишува. А, јас ќе шетам наоколу и ќе мрморам дека внуците ќе пристигнат наскоро, а тој пишува глупости“, рече Навалнаја.

 

slobodnaevropa.mk