Студентите на швајцарскиот Универзитет ЕТХ Цирих развија робот со три нозе, кој, доколку е потребно, би можел да се движи низ површината на астероидите преку серија долги скокови, пренесува Анадолу.
Роботот, познат како „SpaceHopper“, ќе се користи во вселенски мисии за истражување на релативно малите небесни тела, како што се астероидите и месечините, кои може да содржат вредни минерални ресурси што човештвото би можело да ги користи во иднина.
Според Универзитетот, истражувањето на овие небесни тела треба да обезбеди и увид во формирањето на универзумот.
Се наведува дека програмата е лансирана пред две и пол години како истражувачки проект за студенти.
Сега се продолжува како редовен истражувачки проект од пет магистранти и еден докторант.
Посебен предизвик во развојот на вакви роботи за истражување е тоа што за разлика од поголемите небесни тела како што е Земјата, на малите небесни тела има многу мала гравитација, велат од Универзитетот.
Затоа, истражувачите ја тестираа функционалноста на нивниот робот при нулта гравитација на параболичен лет на Европската вселенска агенција (ESA).