Мицкоски: Од ДУИ ме нарекуваат анти Албанец и ксенофоб затоа што гласно говорам за нивниот криминал од кој страдаат сите

„Од очите на луѓето заклучив дека има многу желба, многу емоција, мобилизација што е многу важно и свесност за моментот кој што е пред нас и предизвикот кој што е пред нас бидејќи ова не се обични избори“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Крушево.

„Кога велам дека се ова многу значајни избори навистина мислам. Многу значајни избори за иднината на Македонија како држава, онаква каква што сакавме да биде“, појасни тој.

Мицкоски додаде дека го дава својот збор пред граѓаните дека треба само во едно да бидат сигурни, а тоа е дека нема во Македонија да биде како до сега.

„За да не биде како до сега каде што Македонија е украдена од страна на една мала група луѓе, петмина дел од раководството на ДУИ, и неколкумина нивни измеќари од СДСМ. Ова го потенцирам свесен дека уште кратко време ќе биде градоначалник од СДСМ овдека во Крушево и очекувам во 2025-та година да настане таква промена и да се случи. Се обидувам на сите настани да се обратам и до оние кои што во минатото го дале својот глас и на СДСМ или на оние малкумина кои што се уште се дел од структурата на СДСМ или ги поддржуваат политиките на СДСМ. На овие избори јасен е победникот, на овие избори победникот ќе биде Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“. А, следниот претседател ќе биде професорката Гордана Силјановска Давкова“, нагласи Мицкоски.

Тој посочи дека на овие избори покрај оваа основна цел, другата задача и цел ќе биде конечно Али Ахмети и ДУИ да се испратат во политичка пензија.

„Многумина од раководството на ДУИ ме обвинуваат дека сум бил анти Албанец, дека сум бил ксенофоб. Зошто? Затоа што сум зборувал гласно за криминалот на овие луѓе. И не зборам за сите членови и симпатизери на ДУИ туку зборувам за неколкумина кои што се дел од раководството и кои што изминативе повеќе од две децении се дел од власта во Македонија и ја ограбуваат, засрамуваат и понижуваат Македонија“, рече тој.

„Ајде да зборуваме за реалноста, дали тие луѓе имаат привилегија, ако го нападнеме криминалот кој што го прават овие две децении па и повеќе, дека тие имаат монопол врз албанската етничка заедница. Криминалот нема етничка припадност, или си криминалец или не си. Ајде да ги прашам гласно од овде од Крушево дали кога гореа оние невини луѓе во модуларната болница, гореа и Македонци и Албанци, гореа за тоа што јас гласно зборувам за криминалот на ДУИ или заради неспособноста на тие перјаници на ДУИ кои што директно кумуваа на тоа да се случи“, праша Мицкоски.

Мицкоски запраша дали оние кои што умираа во Ласкарци и од „Беса транс“ во близина на Софија имаа етничка припадност, па едните умираа, а другите не. Не, сите за жал го загубија животот затоа што системот каде што има раководни лица од ДУИ не функционираа.

„За жал, функционира системот на мито, кеш, и евро повеќе народни пари во џебот. Дали парите во буџетот имаат етничка припадност кои што ги крадат па ајде сега ќе крадеме малку од Македонците, па сега ќе крадеме малку од Турците, па малку од Власи итн. Не, кога се краде се краде од сите. И затоа денеска се полнат автобусите и во Гостивар, и во Тетово, и во Кичево, исто како во Скопје, во Прилеп, во Струмица, во Гевгелија, со млади луѓе кои што ја напуштија Македонија затоа што нема перспектива, затоа што не донесоа живот и општество за сите, затоа што не ја говореа вистината и манипулираа со граѓаните во Македонија“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека по изборите доаѓа ново утро каде што Македонија ќе биде повторно горда со претседателка Гордана Силјановска Давкова и влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.