Една шолја кафе наутро, по будењето. „Кафенисување“ со колеги или пријатели. Кафето релаксира, разведрува и претставува средство за социјално поврзување. Со други зборови – животот на некои луѓе не може да се замисли без кафе. „Кафето дефинитивно знае да направи зависност“, вели Карстен Шлех. Овој токсиколог е автор на книгата „Вистината за нашите дроги“.
Многу студии доаѓаат до истиот резултат, поради што неправилности во консумирањето на кофеин веќе е признаена медицинска дијагноза.
Можно е консумирањето кафе во претстојните години да се намали, затоа што климатските промени се одразуваат на производството на кафе и жетвата, па оттаму влијаат и на пораст на цените. Но, засега трендот оди во другиот правец. Луксембург минатата година со 8,5 килограми по глава на жител беше најголем потрошувач на кафе. Во Германија цифрата лани изнесувала 4,8 килограми по жител, а во Бразил – 4,5 килограми.
Што има во кафето?
Кафето е комплексна мешавина од пивеќе од илјада состојки, меѓу кои полифеноли кои во растенијата ги има како боја или вкус, витамин Б2 и магнезиум. Но, кафето како пијалок е многу омилено пред сѐ поради кофеинот. Тоа е природна состојка, која се наоѓа во зрната кафе и какао и во некои листови чај. Енергетските пијалоци исто така изобилуваат со кофеин.
Како дејствува кофеинот во организмот?
15 до 30 минути по првата голтка кафе, кофеинот содржан во него стасува до мозокот и „таму се врзува на аденозин-рецепторите”, вели Шлех.
Аденозинот ги блокира допаминот или норадреналинот. „Аденозинот делува приспивно, стануваме уморни и мрзеливи”, објаснува Шлех.
Кофеинот ги блокира рецепторите за аденозин и му го зема местото. Така изостанува смирувачкото и приспивно дејство на овој молекул. Или со други зборови кажано: кој пие кафе, останува буден.
„Кафето го поттикнува крвниот притисок и ве прави поподготвени, поагилни и поактивни”, ги истакнува Шлех добрите страни на пиењето кафе.
Кога човек важи за зависен?
Кофеинот е најчесто консумираната психоактивна дрога на светот, се вели во еден текст во списанието „Психофармакологија“. Како и многу психоактивни супстанци, и кофеинот го зголемува нивото на допамин, кој дејствува позитивно поттикнувачки на оргснизмот и затоа се вика и хормон на среќата. Аденозинот, штом се врзе на рецепторите, го блокира испуштањето допамин. Ако рецепторите се веќе окупирани од кофеинот, тогаш нивото на хормонот на среќата останува непроменето високо.
Тоа има и телесни последици. „Ако пиете многу кафе, се формираат дополнителни аденозин-рецептори”, вели Шлех. Тоа значи дека ако нема дотур на кафе аденозинот има многу празни рецептори и последицата може да биде замор и надразливост како последица на недостигот на кафе. Други симптоми се главоболка, потешкотии со концентрацијата, нерасположение, незадоволство.
„Прекрасното релаксирачко чувство со првата шолја кафе наутро е резултат и на тоа што ги намалуваме последиците од непиењето кафе“, вели Шлех.
Дали е кафето здраво или не?
Иако кофеинот во кафето има потенцијал за создавање зависност,умерено консумирање кафе не му штети на возрасен здрав човек. „Сѐ зависи од дозата“, вели токсикологот Шлех. Европската служба за безбедност на прехранбените намирници (ЕФСА) препорачува количество на кофеин од околу 400 милиграми за цел ден.
Тоа се, во зависнот од големината на шолјата, околу две до пет шолји. Бремени жени не треба да пречекорат 200 милиграми на ден.
Во рамки на овие вредности кафето има дури и предности. Тоа се поврзува со помала веројатност за дијабетес од типот 2, помал ризик за срцеви заболувања, канцер на црниот дроб и на матката, Паркинсонова болест и депресија.
Оној кој кога не пие кафе реагира со симптоми како тресење, потење или депресија, би можел да страда од зависност од кофеин. Тоа долго време не беше призната зависност, па погодените лица не беа сфаќани сериозно. Карстен Шлех препорачува постепено намалување на количеството, доколку некој пие повеќе од препорачаната доза. „Кофеинот е една од полесните дроги”, вели тој. „Ретко е потребно целосно откажување наеднаш, кое може да биде поврзано со непријатни симптоми и опасноста за повторно враќање кон консумирањето кафе е посебно голема”, вели Шлех.
DW