Српската полиција отстранува бомба во Ниш од бомбардирањето на НАТО

На градилиштето на Научно-технолошкиот парк во Ниш денеска започна отстранување на бомба од авион, којашто е останата од бомбардирањето на НАТО врз Сојузна Република Југославија во 1999 година.

Министерството за внатрешни работи на Србија (МУП) соопшти дека се евакуирани 1.300 жители од населбата Стеван Синѓелиќ, во Ниш која се наоѓа во непосредна близина на градилиштето.

МУП соопшти дека се работи за бомба тешка 1.000 килограми, со 430 килограми експлозивно полнење.

„Ова е една од најголемите бомби што сме ги деактивирале досега. Ризикот е голем, пред се за луѓето кои работат на неутрализацијата, бидејќи тоа е моќно оружје“, изјави Лука Чаушиќ – заменик министер за внатрешни работи и началник на Секторот за вонредни состојби.

Најавено е дека по неутрализацијата, бомбата ќе биде транспортирана надвор од територијата на Ниш, каде безбедно ќе биде уништена.