Никој не се плаши од смешните, талибански закани на Али Ахмети

Напишано од Димче Арсовски…

Изборот е јасен, 24 април, број 2, Гордана Сиљановска Давкова. Огромна разлика од над 100.000 гласачи во однос на вториот кандидат и потоа на 8 мај, историска победа на ВМРО и Мицкоски за пораз на ДУИ и криминалот. Едноставно е. Се е во Ваши раце, за повторно да биде Ваша Македонија, а не на Ахмети, Груби и ДУИ.
Поминаа 19 дена од почетокот на кампања и можеме да сумираме само една работа. Сите оркестрирано напаѓаат против ВМРО. Добро е, значи на добар пат сме, значи дека само ние сме ЗА Република Македонија и ЗА граѓаните.

Особено е интересно, како се движат деновите до гласањата, се повеќе се вжештуваат реториките и навредите од сите партии, особено од ДУИ и од Левица кон ВМРО-ДПМНЕ, кон претседателот Мицкоски и кон професорката Сиљановска.

СДСМ не ги ни споменувам, затоа што вчера се виде колку тежат нивниот збор и нивната критика. Тие се завршена приказна, имаа помалку луѓе на централниот митинг одошто ВМРО во Сарај и во Чаир, односно помалку луѓе отколку што Ванковска има лајкови на постовите на Фејсбук. Најверојатно членовите на СДСМ биле на митингот на ДУИ вечерта на плоштад…

Е вчера, на тој митинг на ДУИ, за прв пат на јавна сцена, соблечен од своето крзно на недопирлив политичар, го видовме Али Ахмети како исплашено дете. Стравот од пензија, од опозиција и од судот на правдата, стравот дека капиталот на неговата фамилија ќе биде тресен како претресот на Ландов со министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, е многу поголем, дури и од неговата гордост и достоинство. Па и тој кутриот, тресејќи се и одвај зборувајќи, тргна да го напаѓа, да го навредува и да му се заканува на претседателот Мицкоски.

Замислете, се најде некој да му застане на патот на Али Ахмети и кутриот одма почна да се заканува на јавна сцена. Не знам како не му стана јасно дека неговиот крај, како политичар и како ДУИ, систематски е граден наназад со години. Нема човек во државава што не сака да го види Ахмети во опозиција, нема човек што не сака да види како ДУИ одговара за своите криминали. Па дури и Артан Груби сака да го види паднат Ахмети, затоа што мисли дека ќе е следен претседател на ДУИ.

Да сублимираме, поразот на ДУИ ќе биде пад како кула од карти, а за тоа треба да помогне целиот народ и целата држава. Е, знаејќи го сето ова, од тоа се плаши Али Ахмети.

Изгледа дека Ахмети не е свесен дека тотално никој не му се плаши на неговите смешни, талибански изјави и закани.

Точно, вчера ги претстави неговите европски манири, од страв, исплашеност и нервоза да се заканува, само затоа што ќе оди во опозиција. Не е свесен дека назад му е зимата. Човек од планина, како него, многу лесно треба да разбере што значи тоа, затоа што знае колку е тешко ако завее снег во април или во мај.

Накратко, како мала дигресија, иако неважно – да спомнеме само дека Ванковска, барајќи внимание, нема ден, а да не ја спомене професорката Сиљановска. Нема ден, а да не се обиде да истакне како во секој поглед во оваа кампања е свесно обезвреднета од сите општествени чинители, небаре сите свесно ја бојкотираат и се обидуваат да ја миниминизираат. Од медиуми, до институции, па се до одредени организации.

Професорке, доста се жалите секој ден, ако вие имате толкава поддршка од граѓаните, нема потреба да се жалите на медиумите, на институциите и на сето останато. Вие и сите други знаат дека ниту ќе го поминете прв круг, ниту пак ќе имате бројот на гласови што ги очекувате. Со време размислете што е подобро – дали да сте истомисленик, полтрон и поддржувач на СДСМ и ДУИ, или да сте за позитивна промена на Македонија, која секако ќе ја има со нас.

Стево, кутар Стево, соочен со реалноста дека после 8 мај ќе нема каде и со кого да алапачи во удобни фотелји, кутриот не знае што попрво да нападне, да измисли и со кого попрво да се скара. Криво му е ВМРО, криви му се Ковачевски и СДСМ па не ги вика на митинзи со него, си замислува руско влијание, напаѓа владици од МПЦ небаре биле со руско влијание (па ретерира)… Човекот не знае што попрво да направи.

Чудно како сеуште Стево не го нападнал Пендаровски. Кога ќе видиш човек дека си ја напаѓа државата, ја напаѓа црквата, ги напаѓа владиците, го напаѓа својот народ и го вика „стока“, а од друга страна во кампањата се слика со наркодилери, со криминалци, и на секој чекор озборува, додека сите разузнавачки служби му се “швајцарско сирење” – тука веќе се е јасно. Тој човек исто е пред пензија, што ќе ја дочека за 15 дена. Сепак, нема да зема мала пензија, цел живот живее на грбот на државата и на народот.

За крај, пак да завршам со ДУИ и со Ахмети. Не знам дали вчера имаше некој горд Македонец и граѓанин на Република Македонија, кој искрено си ја сака државата, без разлика на етничка и верска припадност, слушајќи ги изјавите и заканите на бабушот Ахмети. Не, немаше!

Вчерашните изјави и закани на Ахмети го вадат патриотизмот и инаетот од секој еден Македонец и граѓанин што си ја сака државата. Патриотизмот не значи да паѓаме во замките на конфликтност со политичари во заминување, како Ахмети и Груби, кои спијат на милиони, додека нивните сограѓани во Зајас уште вршат нужда во полски вецеа и септички јами – патриотизмот значи да ги испратиме во историјата, да одговараат за криминалот, да бидат лоша етапа од поглавјето Македонија и сите заедно да работиме за напредок на Република Македонија.

Патриотизмот значи да си ја сакаш целата држава, да работиш за целиот народ и секое едно место, па дури и што побрзо да се изгради канализација во цел Зајас, затоа што греота се и тие луѓе што живеат таму да немаат основни услови за живот.

Изборот е јасен, 24 април, број 2, Гордана Сиљановска Давкова. Огромна разлика од над 100.000 гласачи во однос на вториот кандидат и потоа на 8 мај, историска победа на ВМРО и Мицкоски за пораз на ДУИ и криминалот. Едноставно е. Се е во Ваши раце, за повторно да биде Ваша Македонија, а не на Ахмети, Груби и на ДУИ.