Претседателски избори: До 13 часот излезноста е 26,35 отсто – најмногу се гласа во Новаци, а најмалку во Врапчиште

Гласањето за избор на претседател во Северна Македонија се одвива мирно, без неправилности. Според МВР, регистирани се неколку помали инциденти и пронајдена е испукана димна бомба на гласачко место во Скопје.

Излезноста на првиот круг од претседателските избори до 13 часот е 26,35 отсто. До 9 часот излезноста на првиот круг претседателски избори беше 3,85 отсто.

„Тоа е за 6 проценти повеќе отколку на минатите избори во 2019 година. Според податоците за излезност пристигнати досега, најголема излезност има во Новаци (42,87 проценти), а најмала е излезноста во Врапчиште -10,18 проценти“, велат од ДИК.

Привремена комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела против изборите и гласањето, како и други изборни нерегуларности го следи текот на изборниот процес во првиот круг од изборите за претседател. Јавниот обвинител Џељаљ Бајрами на прес-конференција ги соопшти првичните информации сумирани од јавните обвинителства низ државата. Тој оцени дека изборниот ден се одвива без проблеми, со исклучок на неколку случаи кои се проверуваат по барање на МВР

Приговори до ДИК
„Гласањето се одвива мирно, без неправилности“, оцени претседателот на ДИК. Александар Даштевски. Според него, пријавени се одредени технички проблеми, но тие тековно се решаваат. До ДИК се доставени и 140 приговори за заштита на избирачкото право, кои се предмет на обработка.

Изборниот ден го следат 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 58 странски новинари. Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 44, на кој заинтересираните граѓани може да постават прашање или да пријават неправилности до ДИК. Во функција е и видео кол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор во текот на идниот ден може да постават прашање или да пријават неправилности.
По посета на две избирачки места, претставничката на меѓународната мисијата за набљудување на изборите ОДИХР, Џилијан Стирк, оцени дека почетокот е добар, но целосна проценка за тоа како се одвива изборниот процес ќе имаат откако на крајот на денот ќе ги соберат податоците од гласачки места низ целата држава. ОБСЕ во четврток (25.04) ќе ги соопшти првичните резултатите од набљудувањето.

Изборни нерегуларности
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска во Куманово информираше дека не се забележани поголеми нарушувања или инциденти од досегашниот тек на гласањето. Тој нагласи дека МВР ги презема сите дејствија и граѓаните слободно го искажуваат правото на глас.

„Имаме еден настан пријавен за сликање на гласачко ливче, каде што веќе дежурниот јавен обвинител е известен и постапува по тоа случување. Во Куманово имаме пријава за организирано носење на луѓе на гласачко место и таму македонската полиција постапува во содејство со јавниот обвинител“, информираше Бојмацалиев. Во Чаир се забележани летоци врз паркирани автомобили, а се регистрирани и два графити. На едно гласачко место во Скопје, од страна на шеф на избирачки одбор, е пријавено дека е пронајдена испукана димна бомба.

Тој вели дека има информации и дека сите гласачки места не се отворени навреме, дека имаат проблем со фингерпринт уредите кои ги решаваат и гласањето продолжува понатаму.

извор: dw.com