Емануел Макрон: Европа може да умре

0
63

Емануел Макрон смета дека однесувањето на Русија по инвазијата врз Украина е „неконтролирано“ и додаде дека веќе не е јасно каде се „границите“ на Москва.

Макрон предупреди и на непочитување на глобалните трговски правила од страна на Русија и Кина, повикувајќи ја ЕУ да ги преразгледа своите трговски правила.

„Нашата Европа, денес, е смртна и може да умре“, рече тој.

„Може да умре и тоа зависи само од нашите одлуки“, рече Макрон, предупредувајќи дека Европа „не е вооружена за ризиците со кои се соочува“ во свет во кој „правилата на игра се променети“.

„Во следната деценија… ризикот дека Европа ќе биде ослабена или дури и отфрлена е огромен“, рече францускиот претседател, наведувајќи ја и опасноста дека Иран би можел да произведе нуклеарно оружје.

Европска стратешка автономија
Макрон им се врати на темите за кои зборуваше во говорот во септември 2017 година, неколку месеци откако стапи на функцијата, од истата локација- Универзитетот Сорбона во Париз, но во контекст дека последните седум години светот се променил по Брегзит, пандемијата на Ковид-19 и руската инвазија врз Украина.

Макрон го застапува концептот на Европска стратешка автономија во економијата и одбраната, објаснувајќи дека Европа треба да се соочи со кризи како руската инвазија врз Украина без да се потпира врз САД.

Тој ја повика Европа да биде господар на сопствената судбина, забележувајќи дека во минатото премногу зависела од Русија за енергија и од Вашингтон за безбедноста. Тој рече дека основен предуслов за европската безбедност е „Русија да не победи во агресивната војна против Украина“.

„Мораме да го изградиме стратешкиот концепт на веродостојна европска одбрана за самите себе“, рече Макрон, додавајќи дека Европа не смее да биде „вазал“ на САД.

 

DW