Седумдесет и двегодишна кумановка пријавила во полицијата дека била измамена за 6.000 денари за набавка на огревни дрва, информираше денеска СВР Куманово.
-Вчера во СВР Куманово, 72-годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од едно лица за сума од 6.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ понудило огревни дрва и откако се договориле и таа му ги дала парите, тоа ѝ кажало дека дрвата ќе ги донесе од складот во кој наводно се наоѓаат, но не се вратило, по што сфатила дека е измамена, соопшти СВР Куманово.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот
Во јануари, годинава беа пријавени два случаи на измами со огревни дрва, првиот повозрасен кумановец за сума од 3.000 денари и вториот случај, кумановка за 5.000 денари.
Во 2023 година на подрачјето на СВР Куманово биле регистрирани вкупно седум (7) измами за дрва, а во 2022 година 15 пријави за измами со огревни дрва. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите на овие измами.
-Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на 192, велат од СВР Куманово.