Турчин секојдневно храни верверички во истанбулскиот парк Емирган

0
48

Исмаил Сандикчи последниве осум години речиси секојдневно ги храни верверичките во истанбулскиот парк Емирган, известува Анадолу.

Приказната за необичното пријателство започнала пред осум години кога Сандикчи шетал низ паркот. Тогаш забележал дека му се приближила една од верверичките откако оставил лешник во тревата.

Оттогаш редовно им ја носи омилената храна, како што се лешници, ореви, кикиритки и бадеми што често ги јадат од неговата рака.

Турчин секојдневно храни верверички во истанбулскиот парк Емирган
Со текот на времето Сандикчи почнал да ги разликува верверичките според бојата, обликот на ушите и опашката, големината и однесувањето, а на некои од нив им дал имиња, како Шапшик, Бадем, Понџик и Коко.

Прошетката низ паркот и хранењето на верверичките за Сандикчи станале еден вид терапија во периодот кога беше воведен полициски час во текот на пандемијата на коронавирус. Редовното излегување му било овозможено откако ѝ се обратил на општината и добил дозвола за хранење на дивите животни.

Сандикчи за АА зборуваше за својата љубов кон верверичките, истакнувајќи дека ги посетува секој ден и им носи околу два килограма јаткастите плодови.

Тој објасни дека во моментов верверичките се во период на размножување и мајките што ги хранат своите малечки собираат плодови и ги закопуваат во земјата за да имаат храна за подоцна.

„Некој да ми кажеше дека ќе минувам три-четири часа дневно со верверички, би се насмеал. Ова предизвикува зависност, се чувствувам некомплетен доколку не дојдам тука“, рече Сандикчи, кој храни десетина верверички.

Предупреди дека луѓето што ќе ги видат верверичките во парковите или шумите, не треба да ги хранат со производи, како што се торти, чоколади или печива.

извор: Анадолу.
фото: Анадолу.