Доцна синоќа засега непознати лица, најверојатно подметнале пожар на автомобилот чиј сопственик е директорот на затворот Идризово Зоран Јовановски.
ТВ21 утрово се обиде да стапи во контакт со директорот, но тој не одговараше на нашите телефонски повици.
„На 15.05.2024 околу 03.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј“, велат од МВР.
Инцидентот се случил на улицата Михаил и Ефтихиј, зад економското училиште, во населбата Кисела Вода во Скопје. Во пожарот целосно изгорел службениот автомобил марка „Пасат“.
Минатата година на 18-ти април изгоре службениот автомобил на заменик-директорот на затворот „Идризово“ Феми Јонузи. Тогаш тој тврдеше дека не добивал никакви претходни закани. Вештаците сметаа дека причина за пожарот може да биде и електричната инсталација во автомобилот.
tv21.mk