Поројни дождови во Германија: Вонредна состојба во Сар

0
106

По екстремните дождови кои предизвикаа поплави во Сарската област, ситуацијата до раните утрински часови во саботата малку се релаксира, информираат од локалната полиција. Од 1 часот по полноќ нивото на водата престана да расте, изјави портпаролот на Оперативниот центар во Сарбрикен. Меѓутоа, спасувачките служби и натаму се на терен.

Се уште не може да се процени точниот обем на штетите предизвикани од поплавите. Во целата сојузна покраина Сар , обилните врнежи предизвикаа поплавување на улиците и на подрумите, како и лизгање на земјиштето. Оперативниот центар во Сарбрикен забележа повеќе од 3.000 полициски и спасувачки интервенции.

Метеоролошката служба на Германија во рок од 24 часа забележала повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар во некои локалитети. За споредба, во цел април годинава, во Сар паднале околу 74 литри дожд на квадратен метар , што е за една шестина повеќе од нормалното количество врнежи за тој месец.

Станува збор за, како што е соопштено, поплава што се случува на секои 20 до 50 години, соопшти покраинската Агенција за заштита на животната средина. Во петокот и ноќта во сабота интервентните сили се бореле со водните маси. На видеата објавени во медиумите и на социјалните мрежи можеа да се видат полупоплавени возила и некои улици кои беа целосно под вода.

Канцеларот ќе ги посети погодените подрачја
Во Сарбрикен, како и во неколку други окрузи, беше прогласена вонредна состојба . Населението беше повикано да ги избегнува подрумите, водните површини и поплавените подрачја поради постојаниот дожд. Неколку згради во градот мораа да бидат евакуирани. Организирани се привремени сместувања во училиштата и воспоставена е посебна телефонска линија за помош на граѓаните. Во Русхите, дел од Сарбрикен, луѓето беа евакуирани со амфибиски возила и чамци. Ситуацијата беше „критична“ бидејќи брзината на водната маса беше толку голема што противпожарната служба мораше да ги прекине операциите и да побара помош од германскиот Црвен крст, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи.

 

DW