Сашо Мијалков од утрово е на слобода, беше добар пример и за другите осуденици – вели директорот на струшкиот затвор

Поранешниот директор на ДБК, Сашо Мијалков од денес на слобода. Тој утринава го напуштил затворот во Струга.

Со услов до 25 април 2025 година да не стори кривично дело. Ова е одлуката на Апелациониот суд кој донесе решение по жалбата на Мијалков на одлуката на Основен Кривичен суд Скопје, а го донеле на седница која не била јавна и се одржала пред девет дена.

Мијалков издржуваше казна во затворот во Струга, откако по признанието на вина беше осуден на три години затвор во предметот „Империја“.

Апелацискиот суд претходно укина три пресуди против Мијалков за случаите „Трезор”, „Таргет- Тврдина“ за прислушувањето и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Со измените на Кривичниот законик, тој и дефинитивно се спаси од казна затвор за „Таргет- Тврдина“ и „Титаник 2“, а „Трезор“, застарува годинава.

Кривичниот суд на први април го пушти Мијалков само 4 месеци порано, односно му даде да излезе во декември 2024 година. На ова осудениот се жалел и од Апелација добил уште минус 7 месеци условен отпуст.

Истрагата „Империја“ беше отворена во 2018 за кривичните дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Бизнисменот Орце Камчев и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков беа првоосомничени, а осомничени се уште 11 други лица, меѓу кои и газдата на „Пелистерка“, Цветан Панделески.

извор:Локално