Од овој викенд вистински летни температури и до 35 степени, придружени со локална попладневна нестабилност и можност за ново невреме

Периодот на локална попладневна нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер, како и со услови за локално невреме во Македонија продолжува и во следниот период.
Меѓутоа, од викендот, па некаде до средината на следната недела под влијание на изразено југозападно струење на висина, температурите позначително ќе пораснат и тие ќе бидат натпросечно високи и навистина летни и тие ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 35 степени. Не се исклучува можноста во овој период тие во најтоплите централни и југоисточни предели локално да надминат и 35 степени.
Токму поради изразеното југозападно струење на висина, од викендот и тоа од Сахара кон Македонија ќе се врши транспорт на прашина и на песок, па така и атмосферата нема да биде во целост чиста и ќе биде заматена.
Во Скопје исто така од викендот температурата значително ќе се покачи и над 30 степени, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.
meteoalarm.mk