Периодот на локална попладневна нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер, како и со услови за локално посилно невреме во Македонија продолжува и во следниот период. Токму поради ова апелираме на поголема внимателност, односно во случај на појава на силни електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Меѓутоа, од викендот, па некаде до средината на следната недела под влијание на изразено југозападно струење на висина, температурите позначително ќе пораснат и тие ќе бидат натпросечно високи и навистина летни и тие ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 35 степени. Не се исклучува можноста во овој период тие во најтоплите централни и југоисточни предели локално да надминат и 35 степени.
Доаѓа топол бран од Африка, температури до 35 степени но поради нестабилност во атмосферата се очекува и посилно невреме
Токму поради изразеното југозападно струење на висина, од викендот и тоа од Сахара кон Македонија ќе се врши транспорт на прашина и на песок, па така и атмосферата нема да биде во целост чиста и ќе биде заматена.
Во Скопје исто така од викендот температурата значително ќе се покачи и над 30 степени. И во Скопскиот регион, и тоа поради нестабилната атмосфера можна е повремена појава на пороен дожд, грмежи, засилен ветер, со можност за поинтензивни атмосферски процеси во форма на невреме.
Оваа нестабилност која ја очекуваме е поврзана со циклонската активност која ќе се наоѓа западно и северозападно од нас, односно над северна Италија, најаавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.