Доаѓа силно невреме во Македонија, можен е крупен град, како и локални поројни поплави

Под влијание на циклонска активност од запад  и од северозапад, во следните часови, како и утре во Македонија времето ќе биде многу нестабилно со честа  и локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Поради големата енергија во атмосферата, токму поради топлиот бран од Африка  и поради високите температури на воздухот, локално, особено во централните, источните  и во југоисточните предели од државава процесите ќе бидат интензивни и во форма на силно невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења и со појава на град кој во ваква ситуација би можел да биде и крупен.

Нашата алатка НОТАС за рано предупредување од невреме, за следните часови и за утре предвидува ниво 3, тоа значи засилен ризик од појава на невреме.

Поради опасност од појава на невреме, кое би можело да предизвика и локални поројни поплави, но и штети, апелираме на крајна внимателност, односно во случај на појава на силни електрични празнења да не се претстојува на отворен простор  и под осамени дрвја. Исто така во случај на појава на крупен град, автомобилите да се заштитат. Секако во случај на појава на силен ветер, истите да не се оставаат во близина на дрвја, стои во најновата објава од метепрогнозерот Славчо Попоски.

 

meteoalarm.mk