Поплави во јужна Германија: веќе 40 часа на нозе

0
113

Од саботата изутрина околу 6 часот Тобијас Кунц е постојано под стрес. Градоналникот на Нордендорф, едно мало место со 2600 жители северно од градот Аугсбург, очајно се бори протов поплавата и со околу 300 доброволци се обидува да го спаси локалното училиште.

„Вчера наполнивме 40 илјади вреќи со песок и направивме 240 метри долга брана. Дел од доброволците се веќе 40 часа на нога, без да склопат око. Но, ни тоа не беше доволно за екстремните количини”, вели тој за ДВ.

Доброволците брзо ги префрлаат црните вреќи од една на друга страна, а Кунц кој координира, го бомбардираат со тон прашања. Настава денес секако нема да има, вели тој со тажна насмевка. Но, повеќе го мачи тоа што борбата за да се сочува новото игралиште беше во најкратко време изгубена, браната попушти. „Нашето игралиште, во кое беа инвестирани околу еден милион евра, за само 15 минути беше под вода. Сѐ што е поврзано со инфраструктура е поплавено. Не функционира ни нашата канализација, учениците не би можеле да одат во тоалет”, објаснува градоначалникот.

Баден-Виртемберг и Баварија под вода
Во Нордендорф се одвиваат сцени како и во многу други општини во јужна Германија. Браните не може да ја сопрат водата, десетици села мора да се евакуираат. Првичниот биланс покажува дека во некои села за 24 часа паднала поголема количина дожд отколку просекот на еден цел месец, а надојдената вода достигнала ниво какво што се доживува еднаш на сто години. Пред сѐ Баден Виртемберг и Баварија беа погодени изминатиов викенд, а во некои општини беше издадено предупредување од катастрофа. Животот го загуби еден пожарникар, а најмалку едно лице се води како исчезнато.

За многумина размерите на поплавата беа неочекувани, како на пример четворица млади мажи кои ги сретнавме во местото Килентал. До вчера ределе вреќи песок за да заштитат една куќа до која денеска веќе не може да пристапат заради поплавата. Селото сега веќе е евакуирано. „Се работи за куќа на родителите на еден од нас, кои моментално се наоѓаат во Австрија на одмор. Ние се обидовме да спасиме што може да се спаси, но водата навистина доаѓаше од сите правци. Барем успеавме две возила да качиме на брдото, на сигурно”, велат тие за ДВ.

 

DW