Периодот на стабилно, суво и на претежно сончево време ќе продолжи и во новата седмица која е пред нас, но со тоа што утре и во вторник во попладневните часови ќе има услови за поретка појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Веќе од среда 19.6.2024 ќе бидеме под влијание на многу топла воздушна маса со потекло од северните предели на Африка. Токму ова ќе услови насекаде во Македонија температурите да надминуваат 30 степени, на повеќе места тие ќе се искачат и до околу 35 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели температурата локално ќе се искачи и до околу 40, 41 степен.
Со овој многу топол бран, од Сахара над Македонија повторно ќе пристигне прашина и песок, па така и атмосферата ќе биде заматена и нема да биде во целост чиста, што значи дека ќе имаме многу мачно и спарно време, а температурите ќе се чувствуваат како да се многу повисоки од реално измерените.
За време на овој топол Африкански бран во Скопје температурата ќе се искачи до околу 37, 38 степени.
Ув индексот исто така ќе има многу висока, до екстремно висока вредност и ќе има коефициент помеѓу 8 и 9, па токму поради ова апелираме граѓаните без потреба да не излегуваат во најтоплиот дел од денот, односно од 11 до 17 часот. Исто така да се пијат и повеќе течности, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.