Истрага за снемувањето струја на Балканот

Сè уште нема официјални информации за причините кои доведоа до колапс на електроенергетскиот систем, кој остави без струја големи делови од четирите држави од Западен Балкан. Директорот на Националниот диспечерски центар на електропреносниот систем на Црна Гора, Ранко Реџиќ, вели дека „вакво нарушување не е забележано во последните 30 години“.

„Нарушувањето беше од регионални размери и зафати големи делови од Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и значителен дел од Хрватска. Засега немаме информации што го предизвикало овој настан. Дојде до прекин на напонот, откажаа некои елементи во системите во опкружувањето и во нашиот систем. Тие елементи ги вративме под напон“, изјави Реџиќ и додаде дека сѐ уште се истражува причината за снемувањето струја.

Пренатрупани водови
Тој се осврна и на информациите дека снемувањето струја се случило како последица на голем пожар во близина на далноводот од 400 kw на непристапен терен на границата меѓу Црна Гора и Босна и Херцеговина. „Тоа сѐ уште се истражува. Многу е можно тоа да се случило“, рече тој, додавајќи дека Црна Гора сѐ уште нема информации дека причината за проблемот потекнува од оваа земја. „Во моментот кога ќе се формира комисијата и ќе заврши истрагата, ќе знаеме што се случило и како се одвивало сѐ. Засега нема причина да се верува дека причина за колапсот е човечкиот фактор“, заклучи Реџиќ.

Телевизија Н1 ја пренесува изјавата на црногорскиот министер за енергетика Саша Мујовиќ кој вели дека проблемот настанал како „резултат на големото зголемување на дневно оптоварување и високите температури“. „Кога ги имате тие два примера поврзани еден со друг, тогаш имате ситуација да не можете правилно да пренесувате струја преку далноводи, односно далноводите се преоптоварени и доаѓа до прекини. Испаѓањето на еден вод значи преоптоварување на друг и така се случи ова што се случи“, вели Мујовиќ.

Независниот оператор на системот во Босна и Херцеговина објави дека причината за прекинот на снабдувањето со електрична енергија е „проблем во преносната мрежа во регионот и преоптоварување на клучните 400kV интерконективни водови“, Тоа за последица имало „каскаден пренос на нарушувања“ на електроенергетскиот систем на Босна и Херцеговина. Поголемиот дел од оваа земја остана без струја, поради што дошло во многу градови дојде и до колапс во сообраќајот. Во Сараево, како што јавуваат локалните медиуми, неколку лица биле заробени во лифтови со часови, а некои делови од градот остана и без вода, и тоа на денот кога се забележани рекордно високи температури.

Прекинот се пренесе и во Хрватска, со која БиХ има најголем број интерконективни далноводи, поради што без струја остана речиси цела Далмација. „Со оглед на тоа што од целиот напон испаднаа Босна и Херцеговина, дел од Хрватска, Црна Гора и Албанија, се утврдуваат деталите и причините. Нашите служби не утврдија дека има некаков вид на дефект кај нас. Бидејќи се работи за принцип на сврзани садови, и дел од нашата мрежа остана без напон“, изјави хрватскиот министер за економија Анте Шушњар.

Покрената е истрага на европско ниво
Директорот на Секторот за управување со хрватскиот електроенергетски систем Данко Блажевиќ вели дека за овој случај е покрената истрага на европско ниво. „Дел од работата на операторите на преносните системи е веднаш да реагираат и имавме телеконференција на европско ниво. Се случи несреќен сплет на околности при што два далноводи, едниот во Црна Гора, другиот во Албанија, испаднаа од погон за кратко време“, објасни Блажевиќ.

Албанската министерка за енергетика Белинда Балуку изјави дека има дефект на интерконекторот помеѓу Албанија и Грција и дека слушнала за слични околности во Црна Гора и делови од Хрватска и Босна и Херцеговина. „Истрагата ќе потрае, но раните анализи сугерираат дека овој технички проблем го создадоа големи количества на енергија во преносниот систем и многу високите температури“, рече Балуку.

 

DW