Џулијан Асанж по 12 години правна битка е на слобода

0
42

Основачот на Wikileaks, Џулијан Асанж и САД се спогодија. Асанж ќе се изјасни за виновен по обвинението за заговор за добивање и откривање на податоци за национална одбрана, а неговата казна ќе биде времето кое веќе го одлежал, пишува во судските документи до кои дојде NBC. Тој ќе се појави пред судот во среда, 26 јуни во 9 часот по локално време. Според спогодбата ќе се изјасни за виновен. По ова американскиот оддел за правда очекува дека Асанж ќе се врати во Австралија.

Асанж веќе го напуштил затворот во Лондон и Обединетото Кралство. На 24 јуни заминал во Австралија.

„Џулијан Асанж е на слобода. Го напушти затворот со максимална безбедност Белмарш на утрото 24 јуни, откако таму помина 1901 ден. Високиот суд во Лондон му одобри кауција и попладнето беше ослободен на аеродромот Стенстед, каде што се качи на авион и замина од Обединетото Кралство“, пишува во објавата на WikiLeaks профилот на X.

Спогодбата е поднесена во Окружниот суд на САД за Северните Маријански Острови доцна навечер на 24 јуни. Според очекувањата на Асанж ќе му биде изречена затворска казна во траење од 62 месеци, што е времето кое веќе го помина во затворот во Лондон. Ова значи дека ќе може веднаш да замине во Австралија, држава од која потекнува и ќе ја избегне затворската казна во САД. Пред да биде официјална, спогодбата треба да ја потврди и федерален судија. Со оглед на тоа дека Асанж веќе е на слобода, се чини дека потврдата ќе биде единствено формалност.

Последните 15 години Асанж ги помина во некаков затвор. Дел од ова време го помина во затворот во Лондон, но дел од времето го помина и како азилант во амбасадата на Еквадор криејќи се од властите. Во овој период, целото време го поминуваше во неколку соби во амбасадата. Британската полиција беше распоредена околу амбасадата подготвена да го уапси штом ќе излезе.

Во амбасадата се криеше од 19 јуни 2012 година, до 11 април 2019 година кога под притисок на администрацијата на Доналд Трамп, Еквадор го повлече неговиот азил. Од апсењето до сега Асанж е во затвор. Иако има повеќе обвиненија против него, единствена пресуда е за прекршување на кауцијата и непојавување на суд за која е осуден на 51 месец затвор.

На самиот истек на затворската казна администрацијата на претседателот Трамп побара негова екстрадиција. Овој процес шест години подоцна не е завршен во целост, а последната одлука на британскиот суд кој одлучуваше по ова прашање е: „Асанж има право на жалба“.

Асанж за време на својот азил во амбасадата стана и татко на две деца кои сега имаат 7 и 9 години.