Километар пруга до Бугарија може да чини 24 милиони евра

0
22

Обвинителството да истражи зошто планираната трета фаза од пругата кон Бугарија ќе чини 24 милиони евра за еден километар пруга, бара новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски. Ревизорите откриле дека се платени 4,6 милиони евра провизија поради доцнење со проектите.

Планирана уште пред 150 години, пругата кон Бугарија, проект рекордер ветуван од сите политички партии во изминативе 30 години, треба да стане предмет на истрага на Обвинителството, смета новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски.

Тој тврди дека Обвинителството треба да утврди зошто Јавното претпријатие државни патишта (ЈПДП) без објаснување и анализа ја зголемило проценетата вредност за над 200 милиони евра. Дополнително денеска истекува рокот за поднесување на понуди за тендерот „тежок“ 560 милиони евра за изградба на 23,4 километри железничка пруга, информираше новиот министер.

Тој обвинува дека претходната власт го темпирала огласот за јавната набавка за, како што вели, најскапата пруга во светот, да се реализира во период кога новата власт нема да може да направи некакви измени.

Станува збор за делницата од 23,4 километри од третата фаза од Коридорот 8 која треба да минува од Крива Паланка до Бугарија. Според пресметките на Николовски, ако се реализира овој тендер еден километар железничка пруга ќе чини 24 милиони евра, со што како што вели, ќе стане најскапата железничка пруга во светот што овозможува транзит на возови со брзина од 60 до 80 километри на час.

„ Се работи за железничка пруга која ќе минува среде град, буквално поминува среде Крива Паланка, ќе треба десетици или стотици куќи да се рушат, ќе треба да се иселува население, и најбитното, завршува во тунел кој што нема крај, затоа што според проектот и законите, предвидено е поврзувањето со Бугарија да оди преку тунел, кој што може да се изгради само до границата со Бугарија“, вели Николовски.

 

slobodnaevropa.mk