Повеќе Бугари од Македонци на пописот во Албанија

Се обистинија стравувањата на претставниците на македонската партија и здруженија во Албанија. Според извештаите на институтот за статистика ИНСТАТ, во Албанија по најновиот попис живеат повеќе Бугари од Македонци. Бројот на попишани Бугари во Албанија изнесува 7.957, додека бројот на Македонци е 2 281. На претпоследниот попис во Албанија во 2011 година биле регистрирани 5.512 Македонци.

Според најновите статистики податоци, голема бројка се декларирале како Eгипѓани (12.375), додека за националност не се изјасниле дури 13.507 лица.

Врз основа на прибраните податоци од спроведениот попис – Албанија има 2.402.113 милиони жители. Во земјата живеат 755.950 домаќинства со просечна големина од 3,2 члена по семејство.

Албанија попразна за 429 илјади жители
Во споредба со пописот од 2011 година, бројот на популација е помал за 429 илјади жители. Во 2001 година попишани биле 3.069.275 жители.

„Изразено во проценти бројот на населението споредено со пописот во 2011 година се намалило за 16 отсто. Во периодот 2001/2011 падот е за осум отсто. Произлегува дека процентот на намалувањето на бројот на населението е двојно повисок“, објави Еуроњуз Албанија.

Оваа значајна статистичка операција беше спроведена од 18 септември до 30 октомври минатата година, по што беше продолжена за уште две недели. Ова е 12. по ред попис во историјата на Албанија.

Аларм
Припадниците на македонската заедница во Албанија изминатиот период алармираа дека се соочуваат со големи притисоци од Бугарија за време на пописот. Тие бараа дополнително продолжување на попишувањето на населението во Мала Преспа и деловите каде што живее етнички македонско население.

Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден”-Тирана и главен и одговорен уредник на весникот „Илинден“ во изјава за ДВ во септмеври 2023 година рече дека мешањето од бугарската држава последните години и во време на попис во Република Албанија е зголемено и поагресивно. Според него, цела бугарска машинерија била впуштена во притисоци кон Македонците да се попишат како Бугари со сите методи. Главна е делење пасоши и уцена да се пишат Бугари за да добијат државјанство. Тамошните медиуми известуваа дека високи функционери од Бугарија ги посетувале регионите каде што живеат Македонците во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник, „нудејќи државјанства како на пазар“.

 

 

DW