Мицкоски: Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази подготвеност да разговара со експерти, но и со амбасадорите за најавената реформа поврзана со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители. Дел од амбасадорите вчера искажаа забелешки за најавата за нивно распуштање.

Подготвен сум цел ден да седнеме, да разговараме, да работиме додека не најдеме решение како да биде подобро, само да не биде како досега. Затоа што како што е досега, не е добро, рече Мицкоски во изјава за медиумите дадена при денешната посета на Гевгелија.

Зборувајќи за вчерашните изјави на дел од амбасадорите, Мицкоски рече дека ја слушнал таа изјава, но и дека за политиките на оваа коалиција гласале 600.000 граѓани.

Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата. Во ред, и да е така, 600.000 граѓани гласаа за оваа коалиција. Очигледно тоа за нив не значи ништо и за политиките на оваа Влада. Истовремено тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото, во нивните извештаи велат дека цути криминалот и корупцијата, довербата во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители е на два-три проценти кај граѓаните, рече Мицкоски.

Додаде дека е подготвен да разговара со нив и доколку тоа решение е подобро, веднаш ќе го прифати и примени.

Еднаш засекогаш да ја вратиме довербата на граѓаните во судско-обвинителските институции затоа што вака очигледно не бива. Видете кои се членови на Судскиот совет и се ви е јасно. Сите бевме сведоци на сите оние драмолетки коишто се случуваа изминатиов период, а поврзани со Судскиот совет, со Советот на јавните обвинители, рече Мицкоски.

Нагласи дека вината има име и презиме и дека таа треба да се лоцира.