Обид за киднапирање на малолетно лице во Струмица, или така ѝ се причинило на мајката?

0
43

Преку социјалните мрежи се прошири вест дека во градскиот парк во Струмица имало обид за киднапирање на тригодишно дете. Случајот во полиција го пријавила мајката. Но дали навистина станува збор за обид да се „украде“ дете или пак за неразбран добар гест на две непознати лица кои, наводно говореле на странски јазик, истражува полицијата.

Според полицијата, З.Ч.К.(31) од Струмица вчера пријавила дека завчера околу 19 часот, додека била во парк во Струмица, заедно со нејзиниот малолетен син, во момент кога син ѝ бил оддалечен од неа, односно додека стоел на дрвен мост, две лица му пришле на малолетникот, па едниот од нив го кренал во раце.

„Според пријавеното, откако пријавителката им викнала, лицето го пуштило малолетникот и му ја ставило капата на главата, која претходно му пaднала, по што заминале. СВР Струмица веднаш презеде мерки за откривање на лицата и расчистување на случајот. Извршен бил увид на местото и било разговарано со сведоци, при што е утврдено дека во моментот на локацијата имало голема раздвиженост на луѓе, а малолетникот стоел на мал дрвен мост каде постоела опасност да падне во вода, а лицето кое го кренало детето од мостот го пуштило на земја непосредно откако се симнале од мостот“, стои во известувањето за МИА од СВР Струмица.

Оттаму додаваат дека полицијата продолжува со преземање мерки во насока на утврдување дали во конкретниот случај постојат елементи на кривично дело или лицето тоа го сторило со цел да го заштити детето од можна опасност.