Мицкоски за oдносите со Бугарија: Кој може да ни гарантира дека уставните измени се последно барање?

0
54

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој одржа предавање на престижниот Универзитет Џон Хопкинс во Балтимор, пред присутните, меѓу другото, зборуваше во врска со нашето отпочнување преговори со ЕУ, потенцирајќи дека ние немаме гаранција за последно барање во разговорите со Бугарија.

– Ние нема да може да бидеме спремни да ги отпочнеме преговорите ако не вметнеме неколку стотина наши граѓани во Уставот, што значи дека тоа е дел од бугарското малцинство во Македонија. Кој може нам да ни гарантира дека ова е последно барање? Во судот за човекови права во Стразбур, имаме 14 пресуди кои велат дека правата на Македонската заедница во Бугарија се повредени. И тука се поставува логично прашање, чии права се повредени, рече Мицкоски.

 

Зборувајќи за ветото на Бугарија, тој истакнал дека треба да се разговара за вистински добрососедски односи, но тие да бидат двонасочни. Македонските граѓани, рече Мицкоски, премногу жртвуваа за европската перспектива и доста е со понижувања.

-Ние не сме политичари полни со наводи за криминал и корупција какви има во регионот. Ќе ги штитиме нашите интереси, подготвени сме да разговараме со аргументи, да ги презентираме истите, да видиме чии аргументи ќе преовладеат. Македонските граѓани за европската перспектива дадоа како никој досега, потенцирше премиерот Мицкоски.

На предавањето на престижниот Универзитет Џон Хопкинс во Балтимор, кое беше дел од посетата на САД, каде македонската делегација ќе учествува и на Самитот на НАТО, премиерот зборуваше за теми важни за Македонија, од интерес на регионот и пошироко.

– Најголем приоритет на Владата пред се ќе биде зајакнување на економијата. А таа не може да расте, ако нема одлучна борба против криминалот и корупцијата. Мораме да се соочиме со криминалот и корупцијата ако сакаме да ја развиеме нашата држава за следната генерација. Има голема коалиција помеѓу одредени политичари, судии, обвинители и бизнис елита, и ние мора да ја разбиеме таа коалиција, во спротивно ќе потфрлиме исто како сите наши претходници и би биле поразени, потенцирал Мицкоски.

Претседателот на Владата истакнал дека трите најважни работи ќе бидат инвестициите во енергетиката, Интер конекторот на гас како и вложувањата во инфраструктурата, соопшти владината прес служба.

Премиерот кажа дека од самиот почеток тргнал со идејата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, затоа што тие две институции имаат само 2 отсти доверба меѓу граѓаните.

-Кога има проблем треба да се соочиме со него и да се даде решение. Има експерти кои се против, но никој не дава решение како да се реши истиот. Ние сега имаме статус кво, но ќе ја продолжиме нашата борба, во насока да донесеме правда и надеж, тие два столба одат заедно, во спротивно би потфрлиле, кажал Мицкоски.

Тој потенцирал дека ќе се бори за своите ставови, ќе се соочи со аргументи со сите експерти, затоа што народот е гладен за правда.

Премиерот се задржал и на актуелното прашања со Украина.

-Мојата држава е огромен донатор за Украина. Собранието гласаше за огромна поддршка за Украина. Ние сме меѓу топ 5 доставувачи на помош по глава на жител во светот, истакнал премиерот Мицкоски, посочувајќи дека ние не сме толку голема и богата држава, но сме направиле максимални напори во насока да ја поддржиме Украина и украинскиот народ.