Прв православен манастир на Шкотските Острови по 1000 години на островот Мул

Во недела, 7 јули 2024 година, Преосвештениот викарен епископ Атанасиј од Богданија, од Романската православна црква, ја изврши службата на осветување на манастирот „Сите Келтски Светии“ во Килниниан, на островот Мул. Ова е првиот православен манастир основан на Шкотските Острови во последните 1000 години.

Во службата, која се одржа со благослов на Митрополитот Јосиф од Западна и Јужна Европа на Романската црква, учествуваше и Архиепископот Венјамин на Сан Франциско и Западот, од Православната црква во Америка.

Манастирот е основан на местото на каде што некогаш се наоѓал постар манастир, од првиот милениум на Христијанството, кој ѝ беше подарен на Романската Православна Архиепископија на Западна Европа во 2009 година.

„Денешната недела е исклучителна, бидејќи ја обновуваме благодатта онаму каде што првите келтски монаси ги посветија своите животи за животите на другите,“ рече викарниот епископ на Романската православна епархија на Италија.

Монаштвото е голема тајна

„Монаштвото е голема тајна, зашто монасите се оние кои ја собираат тагата и болката на светот, немоќта и падот, поставувајќи ги во длабока молитва, за да ги покажат преобразени и обновени во спасителната благодат.“

„Ова е чудо: собираш болка, а носиш благодат, собираш тага, а носиш радост. Секој монах има торба со ѕвезди, торба од која го сее семето на благодатта насекаде, ѕвезди и ѕвезди коишто носат светлина и благодат во светот, и секој свет почнува од мистично отшелништво.“

Сите Келтски Светии

„Чудото е токму во молитвата на келтските светии кои ги славиме денес. Тие се оние кои, низ вековите, знаеја како да го посеат семето на Христијанството на благословената Британска почва, давајќи ги своите животи како што зрното жито коешто паѓа на земјата, донесува многу плод, но само откако ќе умре, бидејќи инаку не може да донесе плод.“

„Смрт што носи и дава живот – тоа е она што го направија монасите, умреа пред да умрат, за да не умрат веќе никогаш, туку да опстојат засекогаш во и со Христос Господ,“ додаде Неговото Преосвештенство како заклучок.

Монашки живот во Килниниан

Монашката активност во Килниниан траеше од 6-тиот век до Викиншките напади на крајот на првиот милениум од Христијанството.

Монашкиот комплекс беше обновен со грижата на многу верници од Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Канада, како и на монашките заедници на островите Мул и Јона.

 

liturgija.mk