Умираат две од трите македонски езера

0
85

На речиси целото крајбрежје на Охридското Езеро од Св. Наум до селото Радожда демне опасност од потенцијални загадувачи на езерските води. За нијанса е поинаква ситуацијата во Преспа и Дојран, но и таму има опасност од загадување, поради што се неопходни и контроли и мерки со цел да се заштити здравјето на капачите.

Во екот на сезоната, Институтот за јавно здравје го објави редовниот извештај за квалитетот на водата во трите езера – Охридското, Преспанското и Дојранското коишто секоја година привлекуваат голем број туристи од земјата и странство. Иако генералната оценка е дека водата ги задоволува стандардите и е безбедна за капачите, сепак во извештајот се детектираат сите ризични фактори коишто му штетат на екосистемот. Хотелите и туристичките населби крај брегот, приватните куќи, реките коишто се влеваат во езерата, шанковите, испусните цевки од атмосферските води, недоволната покриеност со колекторски систем – се главните задачувачи, пред се на Охридското Езеро.

„Дупки“ кај Колекторскиот систем
За заштита на Охридското Езеро изграден е колекторски систем кој ги собира отпадните води од градовите Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителната станица во село Враништа, но во извештајот на ИЈЗ се наведува дека постојат објекти кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи. Такви се хотелско – угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје од хотел Десарет до Св. Наум, како и хотели и објекти од Струга до селото Радожда.

Проблем се и приватните куќи сместени на брегот од Охридското Езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до приобалниот дел на населба Канео. Приватните куќи од с. Радожда користат септички јами кои најверојатно понираат или се празнат директно во езерото. Како потенцијални загадувачи се нотираат и шанкови поставени на самиот брег на Охридското Езеро.

„Автокамповите Љубаништа и Ливадишта, хотел „Св. Наум’’, ресторан „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум” се приклучени на локалниот канализационен систем изграден во Св. Наум 2013 година, но тој не функционира. Во фазата на третман на отпадни води постои само дробилка за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото“, се наведува во извештајот.

Приватните куќи долж целиот брег како и селските населби: Трпејца, Љубаништа и Радожда за диспозиција на комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба. Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или, бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата, понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото.

Бидејќи станува збор за езеро со значителен број на извори, постојано струење на водата и голема водна маса, не се забележани позначителни промени во квалитетот на водата од езерото, посочуваат од ИЈЗ. Квалитетот на водата на најголем дел од плажите се класифицира во I и II класа, освен на мерното место Едриличарски клуб „Езеро”, каде површинската вода спаѓа во III класа.

Водата може да се користи за капење и рекреација, како и за спортови на вода, но како и минатите години, и овојпат се препорачува итно да се детектираат објектите кои не се приклучени на колекторскиот систем и да се преземат мерки тоа да се корегира, со цел да се спречи понатамошо загадување на езерото.

Цветање на алгите – ризик за здравјето
Во однос на состојбите на Преспанското Езеро, во извештајот се посочува дека не се забележани потенцијални загадувачи долж плажите, но сепак потребна е редовна контрола на водата од загадувачи, како на пример во селото Стење (подземните води од септичките јами во селото), кај селото Претор (отпадните води од сите објекти се собираат во сопствени попивни јами, само детско одморалиште „Мите Богоевски’’ има пречистителна станица која не работи) и кај Отешево (испустите од пречистителната станица која ги пречистува отпадните води од центарот за рехабилитација во Отешево, но која не е реконструирана повеќе години)

Промената која е регистрирана оваа година во споредба со претходната, е во однос на појава на видливо цветање на алги што може да претставува потенцијален ризик по здравјето. Според ИЈЗ, потенцијалната пролиферација на модрозелени алги може да доведе до испуштање на цијанотоксини кои имаат сериозни штетни последици по здравјето на луѓето и животните (вклучително и домашните миленици) доколку се капат или напојуваат од езерската вода. Површинската вода главно се категоризира во I – II класа.

Нивото на водата на Дојранското Езеро продолжува да се намалува
Што се однесува до Дојранското Езеро, во извештајот се наведува дека поради неповолните хидролошки услови и немање дотур на вода од хидросистемот, нивото на водата на Дојранското Езеро продолжува да се намалува и изнесува 119 сантиметри над нултата кота заклучно со 12.06.2024 година (во 2021 е 199 сантиметри, а во 2022 е 160 сантиметри над нултата кота).

Како потенцијални загадувачи на водите на Дојранско Езеро се идентификувани земјоделските површини за одгледување на земјоделски култури кои се третираат со пестициди и вештачки ѓубрива, домаќинствата од руралните и викенд населби каде цврстиот и течен отпад не се одлага согласно санитарно-хигиенски норми и граѓаните кои се рекреираат на бреговите на езерото.

Водата на Дојранско Езеро во однос на физичко-хемиската исправност во најголемиот дел се класифицира во I и II класа, а отстапувањата се главно во однос на параметрите матност, зголемена содржина на амонијак и сатурација со кислород, но оценката е дека тие нема да се одразат штетно по здравјето на луѓето.

 

 

 

DW