Гаши и учесници на седницата за Сребреница се молеа во Собрание

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на својот официјален фејсбук – профил објави фотографија на која се глада како тој и претставници на невладини организации, Мерсиха Смаиловиќ, Сеад Џигал, Сафет Бишевац се молат во Собранието на денешната седница на која беше обележан 11 јули, Денот на одбележувањето на жртвите од Сребреница. Во официјалното соопштение од кабинетот на Гаши до медиумите, таа фотографија не е испратена. Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ дека со овој чин е повредена секуларноста на државата и побараа одговорност.

Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава,

„Ги почитуваме сите религии и религиозни обреди. Меѓутоа, сакаме да истакнеме дека Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава. Во нашата земја нема место за религиозни ритуали во државните институции, ниту пак, државата има право да се меша во работата на верските заедници. Во врска со настанот со кој се одбележа геноцидот во Сребреница, каде што еден од учесниците ја злоупотреби поканата и организираше исламска молитва во оваа државна институција, изразуваме најостра осуда“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија апелираат да не се политизира туѓата несреќа и да се собираат ситни политички поени врз несреќата на илјадници други луѓе.

„Со оваа постапка не им се оддава почит на жртвите од Сребреница, туку напротив, ова претставува тешка злоупотреба на оваа трагедија заради прибирање на политички поени. Трагедијата од Сребреница треба да биде потсетник за важноста на мирот и почитувањето на човековите права, а не повод за непотребни конфликти и поделби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За молитвата во Законодавниот дом реагираа и од СДСМ и ги повика институциите да реагираат.

„Африм Гаши ја наруши секулраноста на државата, тоа е непочитување и на Уставот. На верските обреди не им е местото во македонското Собрание ниту во било која државна институција. Претседателот на Собранието Африм Гаши, инаку коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ со овој чекор ја наруши секуларноста на државата, тоа е не почитување на Уставот. Повикуваме надлежните институции да постапат и за овој случај да има одговорност“, велат од СДСМ.

извор: Телма