Расчистен случајот со наводно киднапирање и наводно самозапалување на момче од Скопје

СВР Скопје го расчисти кривично правниот настан за кој на 04.07.2024 околу 00.30 часот беше пријавено дека во индустриска зона Ќојлија, во близина на Меѓународен аеродром Скопје, избувнал пожар на плац од агенција за рент-а-кар, во кој со изгореници по телото се здобил Б.А. (24) од Скопје, по што на 07.07.2024, како последица на изгорениците Б.А. починал. Според пријавата од Б.А.,тој наводно бил насилно пренесен од две лица со возило од нас.Ченто до Ќојлија,а таму наводно го натерале да се самозапали. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презедоа сите неопходни мерки и активности за расчистување на случајот.

Извршен е увид на местото на настанот, при што се подигнати материјални траги, за кои се изготвени соодветни вештачења, а обезбедени се и видео записи од безбедносни камери, повикани се на разговор повеќе лица, едно лице е лишено од слобода, како и други оперативно тактички мерки, при што е утврдено дека Б.А. доброволно отишол на местото на настанот, со запалива течност го полеал контејнерот на агенцијата и го запалил, при што од настанатата експлозија, кај Б.А. настанале повреди по телото-изгореници, од кои на 07.07.2024 Б.А. починал. Со ова е констатирано дека првичната изјава која Б.А. ја дал на полициските службеници, дека наводно истиот бил киднапиран од две лица и насилно пренесен со возило до местото на настанот и притоа истите наводно го натерале да се полие со запалива течност и да се самозапали, не е точна. Од страна на СВР Скопје случајот е расчистен и поднесено е известување до ОЈО Скопје.