МНР ќе одлучува дали членовите на ДКСК ќе добијат дипломатски или службени пасоши

Членовите на оваа Комисија не влегуваат во категоријата на лица кои согласно со актите кои го регулираат ова прашање имаат задолжително право на дипломатски патни исправи, но истовремено, на одредени категории, доколку министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа, соопшти МНР во врска со доставените барања за дипломатски пасоши од шесте членови на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

Како што наведува МНР, седум барања до Министерството – за претседателката Татјана Димитровска и за шесте членови во Антикорупциската комсија, биле доставени од ДКСК во април и тогашниот министер за надворешни работи позитивно одговорил само за претседателката на Комисијата.

Во однос на останатите членови на ДКСК, наведува МНР, „министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие евентуално да добијат дипломатски или службени патни исправи“.

Откако во јавноста деновиве е актуелно доделувањето дипломатски пасош за претседателката на ДКСК Димитровска и поднесеното барање за ваква патна исправа од шесте членови на ДКСК, Комисијата денеска реагираше со соопштение во кое наведе дека тоа е „право, а не привилегија“ и е овозможено со Законот за патни исправи, цитирајќи го член 11.