Северна Кореја повторно испрати балони со ѓубре кон Јужна Кореја

0
57

Северна Кореја повторно лансираше балони за кои се верува дека носат ѓубре кон Јужна Кореја, што е само три дена по сличен ваков инцидент, соопшти во неделата јужнокорејската војска.

Претпоставките се дека балоните патуваат кон северниот дел на провинцијата Ѓеонги, која го опкружува Сеул. На граѓаните им се препорачува да не ги допираат балоните, туку да ги пријават локациите кај војската или полицијата, соопштија од Генералштабот на Јужна Кореја.

Северна Кореја во повеќе наврати испрати над 2.000 балони полни со ѓубре во Јужна Кореја како одговор на балоните со пропаганден материјал кои ги испраќаа јужнокорејски активисти на север.

Во четвртокот Јужна Кореја продолжи и со пропагандните преноси преку звучници насочени кон Северна Кореја што беше одговор на претходното лансирање балони со ѓубре од северниот сосед.

Во петокот од Генералштабот најавија дека ќе продолжат со пропагандните преноси.

Северна Кореја негодува на ваквите активности бидејќи се плаши дека протокот на надворешни информации до населението може да претставува закана за режимот на Ким Џонг-ун.

Двете соседни земји на Корејскиот полуостров се одвоени една од друга од крајот на Корејската војна во 1953 година со примирје, но технички сè уште се во војна.

 

slobodnaevropa.mk