Филипче: Згрешивме со измените во Кривичниот законик

Новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче на брифинг со новинарите во Скопје рече дека згрешиле со измените во Кривичниот законик, коишто доведоа до намалување или застарување на казните на голем број функционери обвинети за злоупотреби. По бројните критики во јавноста и меѓународните институции, Филипче вели дека е време да се донесе нов Кривичен закон кој ќе ги исправи направените грешки, објави dw.com.

„Треба да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измените во Кривичниот законик. Но, истовремено имаме соработка со меѓународните институции со коишто се донесени 20-тина закони, поддржани и од Венцијанската комисија и сметам дека треба да продолжиме по патот на имплементација на реформите во судството, со поддршка на меѓународната заедница“, вели Филипче.

„Да донесеме нов закон со консензус“
Тој и подаде рака на ВМРО-ДПМНЕ заедно да донесат нов Кривичен закон, за кој вели дека е изготвен и треба да биде ставен на јавна расправа. Станува збор за закон кој почнал да се изготвува во 2017 година, во време кога министерка за правда беше Рената Дескоска од СДСМ.

„Апелирам Владата да го стави на јавна расправа. Тој нов Кривичен закон е направен во координација со меѓународните институции, по терк на Кривичниот закон во Германија и сметам дека што поскоро треба да биде ставен на јавна расправа, да го разгледаат експерти, да го кажат своето мислење и заедно со консензус да донесеме нов, како што доликува. Не е доволно да кажеме дека сме згрешиле што сме донеле таков закон – еве одиме чекор понатаму таа грешка да ја исправиме на овој начин“, вели првиот човек на опозициската СДСМ. .

По бројните реакции на граѓаните и резултатите на изборите, Филипче вели дека ја увиделе направената грешка. „Не треба да затвориме очи и уши и да не ги слушнеме забелешките на граѓаните. Затоа предлагам да продолжиме на патот на соработа со меѓународните институции кои не поддржуваат и кои вложиле многу за да се реформира судството“, вели Филипче.

Следни чекори
На оваа тема тој вели дека не разговарал со ВМРО-ДПМНЕ, но во зависност од нивниот одговор ќе се размислува за следните чекори.

На 6 септември 2023 година, по брза постапка со европско знаменце, претходниот парламент со поддршка на најголемите партии донесе измени на Кривичниот законик, кои што предизвикаа лавина промени кај казните, но и бура реакции во јавноста. Клучната новина во усвоените измени, коишто се најдоа и под лупа на Брисел и Амбасадата на САД во Скопје, беше бришењето на ставот 5 од членот 353 на Кривичниот закон кој предвидуваше затворска казна од најмалку 5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот. По овој член беа гонети голем број државни и владини функционери во изминатите години. Со укинувањето на овој член, активните постапки запреа, а неактивните застареа.

Покрај предупредувањата не експертите дека со ваквите измени се зголемува ризикот од корупција, тргување со влијание и партиски пазарења и незадоволството на Врховниот суд што не бил консултиран во носењето на ваквите важни законски решенија, измените на КЗ ги ставија во небрано обвинителствата и судовите околу судските процеси коишто се водеа.

Големи ризици
Европската комисија во извештајот за владеењето на правото објавен во средата (24.07) се осврна токму на оваа тема. Таа наведува дека неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на справувањето со корупцијата, особено во случаите на корупција на високо ниво.

Околу 200 обвинети во 36 судски предмети, кои се гонеа за злоупотреба на службената положба во Кривичниот суд во Скопје, беа засегнати со законските измени на Кривичниот законик. Врховниот суд алармираше дека одредени измени на Кривичниот законик носат големи ризици за судските процеси, а евроамбасадорот Дејвид Гир во повеќе наврати укажуваше дека по брзите измени на Кривичниот законик, неказнивоста е зголемена.

извор: dw.com