Одложено судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

0
79

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за одлагање на закажаното судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, соопштија од Кривичниот суд.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека истрагата против првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо е завршена и по истек на законските рокови во кои Палевски има право на увид во доказите од истрагата, ќе биде поднесено обвинение, кое исто така се однесува на двојното убиство по што ќе биде поднесен предлог за спојување на обвинението против него со обвинението против другите четворица обвинети.

„Имајќи го предвид добиениот предлог на обвинителството, а заради економичност и ефикасност на постапката, судот ги отповика наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат мерка притвор и мерка куќен притвор, а судечкиот совет во согласност со одбраната ќе насрочи нов термин за отпочнување на главната расправа за што странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд.

На почетокот на јули, скопскиот Кривичен суд во целост го одобри обвинението против четворица обвинети во овој случај.

Почетокот на судењето беше закажано за 30 јули годинава.

За убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски обвинети се четвроица луѓе, за првоосомничениот Палевски истрагата заврши, а во тек се истражни дејствија против возачот кој го возел Палевски од Србија до Турција.

 

Извор: mkd.mk