Со огромна тага и длабока почит, денеска (08.08.2024) на Карпалак се сеќаваме на загубата на десетте македонски синови – Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Беби, Горан и Пеце, кои ја дадоа и најголемата од сите можни жртви – својот живот за татковината.
Тие пред 23 години се одзваа на повикот на татковината да ја бранат кога беше нападната и затоа од овде кажуваме дека никогаш нема да бидат заборавени. Нашата должност е и кон идните генерации, кон иднината… Но за да можеме да го направиме тоа, мораме да ги почитуваме и одбележуваме жртвите направени во минатото кои ја овозможиле таа иднина да се случи и да ја живееме.
Секој конфликт, секоја криза, секоја дестабилизација покажува дека мирот, стабилноста и безбедноста се основни постулати кои мора да се обезбедат за да имаме прогрес и напредок во општеството. Полициските службеници како и војниците се оние чија примарна задача е обезбедување на стабилност и безбедност за сите свои граѓани.
И денес, кога секојдневно тие се борат со пожарите можеме да речеме дека е долг и заветот кон своите колеги – херои кои тука пред 23 години ги дадоа животите во одбрана на истата цел – обезбедување мир, стабилност и безбедност, за сите свои граѓани, за својата татковина. Изразувам длабока почит и сочувство и кон нивните семејства и велам дека Вашите синови се херои кои вечно ќе ги паметиме.
Никогаш нема да ги заборавиме и засекогаш ќе им бидеме благодарни!