Продолжува вулканската активност на вулканот Етна во Италија

Вулканот Етна, највисок активен вулкан во континентална Европа, синоќа повторно еруптираше и исфрлаше пепел и лава, јавува Анадолу.

Опсерваторијата Етна на Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија извести дека кратерот Вораџине, активен од неодамна, продолжил со активност во вечерните часови до полноќ.

Забележани се потоци од лава по падините на вулканот, а исфрлената пепел од ерупцијата достигна височина од приближно 9,5 километри.

Локалните медиуми посочија дека пепелта паднала и во околните населени места и дека во тек се активности за нејзино расчистување.

Интензивната ерупција на пепел го наруши воздушниот сообраќај, што доведе до затворање на аеродромот „Фонтанароса“ во Катанија. Аеродромот, кој не можеше да работи поради значителните количини пепел, ги прекина сите летови и го пренасочи сообраќајот кон Палермо.

Се очекува аеродромот да продолжи со работа откако ќе се подобрат условите, најверојатно по 18 часот по локално време.

Оваа ерупција е шеста вулканска активност на Етна од јули. Вулканот последен пат еруптираше на 4 август.

На височина од околу 3.300 метри, Етна е особено активен од почетокот на јули, по период на релативно стивнување по големата ерупција во декември 2023 година.

 

Извор:Анадолу.

фото:Анадолу.