Три лица се убиени во гимназија во градот Сански Мост во Босна и Херцеговина.
Според информациите од тамошните власти, мотивот за грозоморното убиство е претходно несогласување на домарот на училиштето со раководствтото кое откако покренало дисциплинска постапка, потоа и го суспендирало од работа.
Според очевидци на настанот, тој влегол во просториите на гимназијата со автоматска пушка со претходно утврдени мети, при што ги застрелал директорот, секретарката и професорката по англиски јазик.
-Припадниците на полицијата во самиот објектот на гимназијата пронајдоа три убиени лица. Се работи за директорот на училиштето Н.Х, секретарката Н.К. и професорката Г.М, кои лицето со иницијали В.М. од автоматско оружје смртно ги застрелал. Потоа, се обидел да изврши самоубиство, нанесувајќи си тешки повреди опасни по животот.-Аднан Бегановиќ – Портпарол на МВР – Кантон Уна-Сана.
Според информациите од болницата во Бања Лука каде се наоѓа напаѓачот, тој бил донесен со прострелна рана во градниот кош, но е свесен и во стабилна состојба.
Пред гимназијата пак, како што соопштија властите во БиХ се уште има полиција која врши увид, а присутни покрај граѓаните, се членови на семејствата на убиените, но и пријатели и колеги.